Премиерот Димитар Ковачевски позитивно одговори на предлогот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски бројот на пратениците во македонското Собрание да се намали на 90 од актуелните 120.

– Остануваме на ставот, значи ги каниме сите политички партии и политички фактори во државата да разговараме за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 во македонското Собрание. Со што цениме дека ќе се подобри функционалноста на македонската демократија и ќе се намалат трошоците, изјави Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за намалување на бројот на пратеници и една изборна единица зборуваше синоќа во интервјуто „360 степени“. Со вакви промени, смета Мицкоски, ќе се намали бројот на привилегирани пратеници, а со тоа и фрустрацијата на граѓаните.

– Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, слично како словенечкиот концепт, како и воведување на една изборна единица. Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тој делува премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ. Со намалување на бројот на пратеници на 90, ќе се намали и бројот на привелигирани пратеници. Ние сме и за воведување на една изборна единица, бидејќи имаше и други политички партии кои го поддржуваат тој концепт. Подготвени сме за овој концепт, рече Мицкоски.

Претходно и лидерите на Демократскиот сојуз (ДС) и на ЛДП го поздравија синоќешниот предлог на Мицкоски за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, како и тоа што сега за опозициската партија е прифатливо воведување една изборна единица.