Не сметам, знам дека има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би ги поддржале уставните измени, изјави вицепремиерот и член на Централниот совет на ДУИ, Артан Груби пред почетокот на денешната седницата на Централното претседателство на партијата во Мала Речица.
Тој ја повика најголемата македонска опозициска партија да се приклучи кон напорите за европска Северна Македонија.
– Од денеска сметам дека треба да почнеме со нашите напори, повикувајќи ја и македонската опозиција да се приклучи кон напорите за европска Северна Македонија. Не дека сметам, знам дека има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои би ги поддржале, изјави Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите шшто доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ дека на власта и недостигаат 10 пратеници за усвојување на уставните измени, Груби рече дека тоа го тврдат луѓе што не се пратеници.
Прашан за коментар за наводите што исто така доаѓаат од најголемата опозициска партија дека пратеник на ДУИ барал пари за да гласа уставните измени, Груби беше катагоричен во својот демант на ваквите тврдења.
– Апсолутно не се вистинити. Нема пратеник во ДУИ, ниту Албанец или кој било друг во прогресивното парламентарно мнозинство кој што ги условува уставните измени за европска С. Македонија. Мислам дека адресата е на некое друго место, а тоа е во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од денеска, ние започнуваме со напорите на обезбедување на парламентарното мнозинство како што тоа го направивме и во претходниот случај со Преспанскиот договор, рече Груби.
Тој истакна дека е убеден дека ќе успеат во напорите за обезбедување на парламентарно мнозинство за уставните измени, затоа што, како што рече, имаат контакти со опозицијата и го гледаат расположението.
– Едно нешто е тоа што велат нивните лидери кои што не се пратеници, друго нешто велат тие што се пратеници, рече Груби.
Средбата на најтесното раководство на ДУИ во Мала речица почна попладнево, а на неа присуствуваат и членовите на т.н. „огнена група“ на ДУИ, кои веќе неколку месеца водат кампања со која бараат смена на првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, но и други функционери од партијата во органите на државната власт.
Засеге нема информации дали на средбата воопшто ќе се разговара за внатрепартиските превирања. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи пред почетокот на средбата изјави дека единствена точка на дневен ред ќе биде создавањето на „Фронтот за Европа“.
– Се наоѓаме во критично време, на крстопат, и мора да ги концентрираме сите сили и енергија на општеството за да ја ориентираме државата кон ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните од нас, подобар стандард, работа, поголеми плати, да останат овде, да ја планираат иднината овде. Ништо друго не може да ја гарантира перспективата освен ЕУ и ние сме должни тоа да го направиме како политичари, рече Османи пред средбата.
Во пресрет на седницата на Централното претседателство на ДУИ „огнената група“, објави листа на разрешени функционери, обвинувајќи дека првиот вицепремиер, Груби, ги разрешува оние кои мислат поинаку во ДУИ.
Тие велат дека политичката елиминација била изведена на најбрутален можен начин, на начин како што во време не едноумието, преку ноќ биле менувани „неподобните“ кадри.