Сосема очекувано беше дека судот ќе ги демантира сознанијата изнесени во мојата денешна изјава. А што друго би направил, се огласи денеска поранешниот премиер Никола Груевски, преку својот Фејсбук профил.
– Но, од соопштението – демант на Апелацискиот суд, не само меѓу редови, туку и директно се чита пристрасноста на оној кој го креирал текстот на овој демант и се наѕира веќе донесената одлука за мое прогласување за виновен, иако ниту имам сторено кривично дело, ниту постојат докази за такво нешто, ниту судската постапка во прв степен е соодветна, ниту пак по закон можат да вршат гонење за нешто што има и релативна и апсолутна застареност а во корелација со член член 30 од КЗ. Судот си дозволил во одговорот јавно да се пресметува со мене, обвинувајки ме дека со остварувањето на моите права кои се сосема оправдани во правец на барање неколку изземања, всушност дека сум сакал да го одолговлекувам судењето. На пример за изземање на судија за кого е отворена постапка за одговорност веќе има и судска пракса за негово изземање од кога во 2017та истото се случи во Кривичниот суд, пишува Груевски.
Тој натаму додава:
– Притоа забораваат дека максимумот што го бараше адвокатот на другиот обвинет од името на сите адвокати беше одложување за еден работен ден, со цел наместо во петок, во понеделник да бидат присутни сите адвокати. Не може да стане збор за одолговлекување кога се бара изземање на судии кога се знае дека тоа се решава за еден час, како и што беше направено, или најмногу ден-два доколку се прифатеше барањето за изземање, вклучително и она за кое одлучува врховниот суд, додава поранешниот премиер на Република Македонија.
Со ова соопштение-демант, вели Груевски, за жал Апелацискиот суд само го потврди она што го објавив, а наскоро и на дело ќе го покаже тоа кога ќе ја објави одлуката.