Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Фејсбук објави статус со кој го повикува ВМРО-ДПМНЕ да не подлегне на никакви притисоци за да поддржи промена на уставното име на државата.

Груевски ги повика пратениците да не направат ниту една отстапка со која ќе предизвикаат штета на државните и националните интереси. Тој смета дека ако некој е уценет со неговата пресуда, во никој случај да не прифати промена на името на државата.

-Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, Ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог, порача Груевски.

Груевски во својот пост порача дека политичкиот прогон нема да го скрши и ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ храбро да издржат.

-Јас сум ништожен и беззначаен во однос на илјадниците жртви дадени за делото и каузата за која со генерации македонските патриоти и маченици пред кои стојам мирно и се поклонувам, се бореа, гинеа, страдаа, беа затворани, понижувани и угнетувани, вели Груевски.