Неговото име понекогаш го слушав уште како дете низ семејните разговори меѓу моите мајка, вујко, баба…, но лично тогаш не го познавав, го немав видено.

Мојот вујко често го спомнуваше во некои приказни (политички) кои тогаш, како дете, не ми беа целосно јасни но чувствував дека за него говори со висок пиетет.

Мајка ми често со гордост зборуваше за некои нејзини учители, но особено за двајца нејзини учители. Едниот беше Мијалче Парнарџиев, подоцна замонашен, а во 2017 година МПЦ-ОА го прогласи за светец (Св. Гаврил Светогорски), а вториот беше Ѓорѓи Доцев.

Баба ми Благородна, некаде кон средината на осумдесеттите, во првите денови кога почнав да излегувам навечер по кафетерии каде излегуваше мојата генерација, една вечер многу загрижена ме праша од каде доаѓам толку доцна и ме праша да не случајно ме вовлекле во некакви политички активности. Откако прво се изнасмеав кажувајќи дека доаѓам од кафич, ја прашав зошто ме прашува такви работи, па таа почна да ми раскажува дека нејзиниот син (Јордан), така започнал да се враќа доцна навечер и не била свесна дека се вовлекол во политичка организација (ВМРО-ПРАВДА) се додека една вечер не го уапсиле, за што ми кажа, а подоцна и самиот Доцев ми потврди, дека релативно полесно поминал бидејќи сеуште бил малолетен, но Ѓорѓи Доцев на 18 години го осудиле и одлежал година и половина тежок затвор.
“Бегај од политика. Тоа и на вујко ти му го зборувам, а еве и тебе”, велеше баба ми. Не ја послушавме…?
Така Ѓорѓи Доцев повторно беше спомнат во мојот дом кога веќе разбирав многу повеќе, отколку како дете.

Околу две и пол декади подоцна, една вечер, пред 7-8 години гледав документарен филм на МРТВ од серијалот за жртвите на комунизмот. Во еден момент се појави Ѓорѓи Доцев кој раскажуваше за неговото учество во нелегалната патриотска организација која се борела за обединета и независна Македонија, надвор од рамките на Југославија. Го слушнав како раскажува за нивните активности, нивната борба, кажувајќи ги неговите соборци меѓу кои и мојот покоен вујко, Јордан Мијалков. Станува збор за далечната, но и озлогласена 1949 година.

Во наредните денови го поканив да се сретнеме. Дојде и имавме долг разговор за неговата историја како еден од најголемите македонски дисиденти и борци за слободна, независна и обединета Македонија во нејзините етно-географски граници. Имав чувство дека разговарам со историјата…

На прв поглед изгледаше за мирен и повлечен човек. Но низ разговорот кога раскажуваше за тие борби и прогони, видов сосема друг лик. Иако беше човек во поодминати години, почувствував дека пред мене седи човек со нескротлива љубов за Македонија, несекојдневен жар, храброст и пожртвуваност, енергија и ентузијазам.

Бледите сеќавања од она што го слушав за него во мојот дом кога бев дете добија целосна контура и јасна слика. Подоцна дознав дека дури 74 кодоши давале информации за неговиот секојдневен живот и активности, вклучувајќи го и другарот кој со него седел во училишната клупа во средното училиште. И дека во архивот има над 1.500 страни материјал во неговото досие на тајната служба.

Доцев ми раскажуваше за неговите тешки денови во затворот, како го мачеле и кои биле нивните идеали. Паметам како ми кажуваше дека како активист на ВМРО-ПРАВДА барале од него информации за организацијата и комунистите го мачеле со свирепи методи меѓу кои бодење со шајки под ноктите и пуштање на струја во неговото тело, електрошокови, веројатно со јачина која може да ја преживее човек, но да се чуствува многу лошо, па да каже се’ што се бара од него.
Ми кажуваше и за заклетвата која ја дале заедно со Јордан Мијалков во веќе легендарната црква Св. Богородица во Штипската населба Ново Село, во која многу нови борци на МРО давале заклетва пред Гоце Делчев или Дамев Груев 50-тина години претходно.

Разговаравме и за ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна тој стана кандидат за председател на ветераните на партијата. Пред да го избереме имав разговор со тогашниот директор на државниот архив, сега веќе покоен Д-р по историски науки Зоран Тодоровски. Со задоволство му ги прераскажував најинтеренсите детали од разговорот со Ѓорѓи Доцев. Паметам дека ми кажа: “Знам се’ за него. Го имам проучено неговото досие. Голем борец за Македонија. Голема жртва дал во животот. И покрај големото мачење останал цврст и чист е како солза”. Ме информираше и дека се планира книга која ќе произлезе од неговото досие, неговата борба за независна и обединета Македонија и неговите страдања. Ми кажа и уште нешто: “има трето по големина, (по број на страни) досие од тајните служби на комунистичката тајна полиција. Тоа се оние белешки од искази на кодоши, следења, снимања итн” .

Како претседател на советот на ветерани беше одлично прифатен од ветераните на партијата, беше многу активен, редовно ги обиколуваше сите општински комитети и уживаше огромен авторитет. Во последните години особено по повредата која ја имаше, неговите активности се намалија, но до крајот остана име на кое сите се поклонуваа.

Еден од аманетите на Ѓорѓи Доцев беше да се спроведе лустрацијата до крај и имињата на кодошите да се обелоденат и да се види како за свое лично кариерно напредување кодошеле најчесто свои блиски на кои животот им го направиле пекол. За да не се повтори.

Ѓорѓи Доцев беше и засекогаш ќе остане големо име во македонската историја, активен во повоениот период за време на комунистичкиот режим. Но и на крајот на неговиот живот беше активен во ВМРО-ДПМНЕ.
Секогаш и пред се’ за него беше Македонија.
Голем патриот и борец за македонската кауза. Таков “калибар” на борци како Ѓорѓи Доцев, се ретки.

Нека почива во мир.

Никола Груевски

(Во документарниот филм за жртвите на комунизмот и епизодата за ВМРО-ПРАВДА говори и Ѓорѓи Доцев. Неговиот исказ започнува во 6:40)