Поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во гостувањето на Сител истакна дека сите случаи што се водат против него имаат политички мотив, меѓу нив клучен е тој што не се согласувал да се промени името на РМ според теркот што го посакуваат соседите. Дополнително, во ниту еден од случаите СЈО нема докази, истакна Груевски, како што тоа впрочем веќе се виде во процесот за „мерцедесот“.

„Најеклатантен е примерот кај случајот со патиштата, т.н. „Траекторија“ каде што се создава едно широко распространето мислење дека таму сум земал провизии, за поткуп, а всушност обвинет сум за истото како во „Тенк“, изјави Груевски.

Тој појасни дека обвинет е зашто сакал да оствари политичка корист, односно затоа што сакал патиштата да се завршат пред редовните избори и да се стекне со корист кај гласачите.

Вели дека тоа е апсурдна ситуација, додавајќи дека улогата на еден политичар и премиер е да гледа побрзо да се завршуваат проектите.

-Обвинет сум по истиот член, за вршење влијание за да се оствари корист, ама не корист – материјална, парична. Во јавноста со сите сили, пропагандната машинерија на СДСМ се обидува да се искреира слика дека се работи за некаков поткуп, провизии. Дури и така го нарекуваат случајот, „провизиите за патиштата“, а не сум обвинет за провизии, ниту пак, постојат провизии, појаснува Груевски.