На 8-ми Септември 1991 година граѓаните на Македонија во огромно мнозинство го поддржаа референдумот за независност, по кој следеше одвојување од југословенската федерација која веќе беше во длабока криза и започнати воени конфликти.
Ова се истакнува во честитката од поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски. Натаму Груевски во честитката пишува:
Иако повлекувањето од Македонија на Југословенската Народна Армија траеше и во дел од 1992 година и не одеше така едноставно, сепак 8-ми Септември е денот кој е симбол на независноста.
Со тоа се оствари и вековниот сон на многу генерации кои понесоа огромни жртви заради остварување на тој стремеж за формирање самостојна, независна и суверена Република Македонија, без чии напори и делумни успеси немаше да постои можност да дојдеме до референдум на 8-ми Септември 1991 година.
Носители на тој триумф беа сите граѓани на Македонија кои одлучно излегоа и гласаа за независноста и секако, тогашната влада на Македонија предводена од Премиерот Никола Кљусев чии членови се изложија на огромен личен ризик, како и Собранието, Претседателот на државата и политичките партии кои го дадоа својот потребен придонес во тој процес.
Оттогаш Македонија помина многу премрежија и кризи, многу напредок и успеси, како и многу падови и неуспеси, но придобивките од гласањето на овој референдум останаа трајна вредност, а Македонија денес слави 30 години независност.
Државата, независноста и слободата треба да се чуваат, зајакнуваат и надградуваат за да се имаат и тие не се еднаш за секогаш добиени. Ова воедно е и обврска на денешната и сите идни генерации Македонци и сите граѓани на Македонија, како и нивните политички претставници.
Нека е честит празникот на независноста!
Нека е вечна Македонија!