Никола ГРУЕВСКИ
Христо Матов може да се каже дека е еден од главните идеолози и дејци на ВМРО во периодот од 1895 година па некаде до крајот на првата светска војна во 1918 година кога се разболел и бил принуден до својата смрт во 1922 година да биде целосно пасивизиран.
Помеѓу историчарите циркулираат различни датуми за неговото раѓање како 4. Декември 1869 година, 4. март 1869, 6. март 1869 година и 10. март 1872 година, но се чини првиот е нај веродостоен. Бидејќи е припадник на десницата тој за време на комунизмот беше анатемисан од комунистичката историографија за време на Југославија, па тие остатоци донекаде се чуствуваат и до денес.
Сепак, во поново време историчарите имаат различен и објективен однос кон Христо Матов.
Во енциклопедијата на ВМРО издадена во 2017 година од редакциски тим предводен од Проф.Д-р Никола Жежов стои дека Христо Матов (1869-1922), е македонски револуционер, член на MPO/ТМОРО/ВМОРО/ВМРО.
Стои и дека е роден во градот Струга. Потекнувал од револуционерно семејство. Бил брат на Милан Матов (исто така познат револуционер). Завршил бугарска егзархиска гимназија во Солун и славјанска филологија на софискиот универзитет. Учителствувал во градовите Сер, Скопје и Солун. Во 1898 година бил избран за член на ЦК на ТМОРО. Во 1901 на година бил уапсен од турската власт и затворен во Подрум кале во Мала Азија. По амнестирањето повторно ја возобновил револулуционерната активност. Во периодот 1902 до 1905 година бил избран за член на 3П на ТМОРО/ВМОРО. Во периодот од 1907 до 1908 година бил избран за член на ЗП на ВМОРО. По поделбите во редовите на Организацијата се приклонил кон конзервативната струја и станал еден од нејзините идеолози. Напишал повеќе книги и статии кои се однесуваат на историјатот и организационите основи на македонското револуционерно движење и ТМОРО/ВМОРО. Починал поради тешко нарушено здравје во Софија, Бугарија во 1922 година.
Во монографијата посветена за овој револуционер а издадена во 2015 година проф.др. Владо Поповски го опишува со следните зборови: “Христо Матов е еден од најзначајните раководители на Внатрешната Македонска револуционерна организација. Тој зазема истакнато место, како во највисоките раководства на Македонската револуционерна организација, така и во изградбата на нејзиниот револуционерен систем. Во тој дел Христо Матов го држи најзначајното место. Затоа што: ги поставил и ги дефинирал, речиси, сите прашања поврзани со програмските цели, со основите, принципите и формите на револуционерната дејност на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и со устројството, со политиката и со односите на истата кон внатрешните и надворешните фактори од кои зависела или можела да зависи улогата на учинокот на Револуционерната организација.
Христо Матов бил еден од водечките личности во Македонската револуционерна организација вклучен во идејните расправи и во идејното и политичкото насочување на ВМОРО по Илинденското востание, особено по општиот Рилски конгрес од 1905 година.
Христо Матов, на Организацијата; на нејзините цели и на нејзината дејност, и се посветил без остаток, лишувајќи се од каков и да е приватен живот и од каков и да е приватен мотив. Во ВМРО влегол на својата 26 година и од неа заминал тогаш кога го напуштил светот. За време на животот, поминат преку многу откажувања и страдања, Христо Матов бил во средиштето на настаните во Револуционерната организација; и во времето на нејзиниот организационо- револуционерен подем и во периодите на нејзините поделби на непомирливи и непријателски крила. Во тие премрежиња од судбината на Организацијата Христо Матов, посмирено од која и да е друга личност, умеел и успевал одново да ја консолидира организацијата врз програмски и институционални основи и со тоа да овозможи натамошно нејзино револуционерно дејствување по линија на нејзините цели. Матов бил еден од најзаслужните личности кои ја додржале Револуционерната организација да не се распадне и да не се претвори во одмаздничка групација, по тешките потреси во 1907-1908 сврзани со крвавата саморасправа во ВМРО и со конечниот раскол во неа.
Христо Матов сепак не можел да ја преболи судбината на Македонија по балканските војни и по Првата светска војна.
Таа судбина како облик на целосен пораз на целите на ВМРО и како бесповратно уништување на идеалите, верувањата и надежите на македонските револуционери, од профилот на Христо Матов, беше доволна да го сосипе здравјето и да ја разнебити личноста на револуционерот кој починал во тешка драма на беда, на страдања, сомненија и преиспитувања. Христо Матов умира на 54-годишна возраст, завршувајќи го својот живот морално чист, како еден од најчесните достоинственици посветени на судбината и на општиот интерес на неговата родна Македонија; така како што тој го разбирал македонскиот интерес, заедно со мнозинството негови приврзаници, посебно по 1908 година…”.
Д-р Зоран Тодоровски во предговор на “Основи на внатрешната револуционерна организација” напишана од Христо Матов, го опишува како “еден од најистакнатите македонски дејци, идеолози, организатори и теоретичари на Македонската револуционерна организација и програмски и револуционерни на нејзините политички, концепции и содржини. Според Никола Милев, член на раководството на ВМРО и на Македонскиот национален комитет, Х. Матов е стратегот, кој ги изработи најдобрите планови за моралната офанзива на Македонската револуционерна организација“. Уште во својата младост како револуционер, Х. Матов го инспирирал францускиот писател Пјер Д’Еспања да го напише романот „Пред колежот“, кога во 1901 година бил затворен и испратен во Подрум кале”.
Има бурна историја зад себе. Во Организацијата се зачленува во 1895 година и го зачленил и заколнал токму Даме Груев, одкако во текот на учителствувањето се запознал со него и со уште еден од шесте оснивачи – Иван Хаџи Николов.
Интересно е што подоцна кога тој е директор на скопската машка гимназија тој лично го внел во Организацијата и го заколнал Тодор Александров, со кого подоцна стануваат соработници па дури по балканските војни заеднички биле иницијатори за создавање на народна милиција во Македонија.
При крајот на животот длабоко депресиран од неуспесите и болен тој станува и критичар “зад грб” на Александров, за кој Александров е свесен но од преголема почит кон него го толерира особено знаејќи дека боледува и се лечи од потешка форма на депресија.
Во монографијата за Х.Матов од 2015 година за овој период стои: “Процесот на депресија и на тегобност имал почетна причина во неговото оддалечување од Софија и во неговото чувство дека работите не стојат добро, покрај другото, и поради фактот на неговата исклученост од местото каде што за нив се носеле решенија. Вообразувајќи дека состојбите зависеле, пред сè, од личностите во Софија, а не и од поглобални причини, Матов почнал да бидува сè понезадоволен од политиката и од потезите на оние раководители на ВМОРО кои имале важни релации со бугарската влада и со воената команда. Чувството дека состојбите се такви какви што не требало да бидат, поради пропустите и грешките на првите раководители на ВМОРО, всушност било варијација на тезата дека состојбите не би биле такви кога тој би носел решенија за нив….Споменатото конфликтно расположение нашло излив во критики и приговори кон Тодор Александров искажувани по различни поводи пред заеднички пријатели, во отсуство на критикуваниот Александров и кон други, при што Александров, речиси, редовно дознавал за таа пројавена склоност на Матов. Но тој подолго време не реагирал, надевајќи се оти таа пројава ќе помине и внимавал да не го засегнува почитуваниот и заслужен постар член на ЦК и на ЗП на ВМОРО, негов поддржувач и еден вид негов револуционерен учител и водач.
Со таков респект, Александров речиси редовно го информирал Матова за текот на настаните и за разговорите со релевантни личности и фактори. Но, се чини оти таквиот Александров однос не можел да биде доволна сатисфакција за Матовото чувство на оддалеченост од непосредна улога во настаните. Затоа, склоноста кај Матов да продолжи со приговори и критики кон Тодора Александров и кон другите, пред трети лица, земал неодмерен и неумесен размер и вид, така што на 31 мај 1918 година Александров, со писмо, остро го прекорил, имплицитно, дефинирајќи го однесувањето на Матов. Во писмото Александров напишал:, Драги Матов, на мое големо чудење и сожалување, денес дознав од г. проф. Георгов, дека онаа мува неосновано сомнение не само што не те напуштила, туку земала широки размери. Или ние: Баждаров, Георгов, јас (и) Протогеров не знаеме да мислиме, или сите сме подлеци, според тебе, или ти си болен. Те молам да се успокоиш, истерај го тоа неосновано сомнение од главата и не станувај повеќе за потсмев и сожалување –
Срдечни поздрави. Т. Александров.
По тој момент кога се осведочил што всушност Александров мисли за неговите приговори и сомненија Матов уште повеќе се повлекол во себе, а неговите довчерашни соработници му станале непријатни луѓе, како што само се изразил во една прилика пред брат му Милан Матов. Осамен уште повеќе, погоден од катастрофата што ја доживеале и Македонија и Бугарија и осведочен во неуспехот на политиката на ВМОРО (која била и негова лична политика и заслуга), по војната Матов се обидел да се пензионира.
Тоа не му успеало, бидејќи наишол на државна политика и на државници кои противпоставени на претходната државна и политичка елита на Бугарија, во тој склоп противници и на ВМОРО Матова и Александрова, не му признале право на пензија. Отфрлен и од бугарската власт од која очекува признание за неговата дејност, а која не му го признала ниту работникот стаж во нејзините просветни установи, за Матов било рамнозначно на рушење на cè она во кое тој верувал и за кое повлекол многу повеќе скрб и јад отколку благодарност и радост. Оптоварен со уште една фикс идеја, а имено дека ќе биде убиен со одлука на ВМОРО, претпоставувајќи оти тоа ќе го наредат неговите најблиски соработници, меѓу нив и Тодор Александров, Матов влегол во најдлабоюют кошмар од својот живот. Нема индикации кои би укажувале зошто Матов дошол до таа опсесивна помисла која не го оставила мирен до крајот на животот, но има повеќе факти и потврди дека се измачувал со таа инаку сосема неточна претпоставка”.
Нешто подоцна во 1921 година Александров повторно го посетил, но тоа многу не променило во мислите и односот на Матов. ВМОРО во целиот период до неговата смрт не го заборавиле и континуирано му давале скромна финасиска помош за опстанок. Неговиот роднина Ангел Узунов во своите спомени укажува дека Христо Матов не сакал да биде придружуван до Будимпешта, каде што требало да биде прегледан и лекуван од познатиот доктор Карај Бодон од никој друг освен од него. Узунов потврдува оти Матов бил обземен од упорната мисла дека ќе биде убиен од блиските луѓе.
Христо Матов несомнено е преставник на десната централистичка струја на Организацијата и води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Само заради доцнење на закажаната средба на 28 ноември 1907 година не се нашол меѓу ликвидираните Борис Сарафов и Иван Гарванов од страна на Тодор Паница испратен од Јане Сандански.
Како што и самиот ќе забележи во своите ракописи Матов е еден од втемелувачите на МРО во Скопје. Тука учителствувал и револуционерно делувал од 1895 до 1898 година.
Во периодот 1902 — 1905 и 1907 — 1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип. Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година.
Д-р Зоран Тодоровски во предговорот на брошурата на Х.Матов “Основи на внатрешната револуционерна организација” ќе каже: “Христо Матов е македонскиот револуционер, мислител, раководител, идеолог на Македонската револуционерна организација, поет, педагог, филолог. Го нарекувале “Молчаливецот“, „Мислителот“, се потпишувал (освен со псевдонимот Брут”) и како “Дримколов”.
Роден и оформен во средина на мислители, напредни луѓе и движења, трговија и градски живот, носител на гените на револуционерното семејство Чакрови (по мајка) Матов се профилирал во интелектуална, продуховена личност со силен индивидуалитет – повеќе мислител отколку кажувач. Дипломиран филолог, сериозно се занимавал со прибирање на фолклорни материјали пред сè од својот роден крај и со научни проучувања на истите. И Матов, како и многуте македонски револуционери, паралелно работел педагошка работа и револуционерна дејност. За него како учител, кој се одликувал со своите посебни методи на работа. Учителот умеел да ги насочи учениците на анализирање, логичко размислување и извлекување заклучоци….Суштината на неговиот метод била доброто проучување на проблемот што дава лесно излагање на мислењето за прашањето. Едноставно мислите сами течат. Учениците биле стимулирани да прават планови за што им претстои и да си ги разменат меѓусебно. Отворал дебата меѓу нив по овие планови и со ред други такви активности ги држел во мисловна кондиција и во методичка обука за работа и за живот.”
На 23 јануари 1901 година (стар стил) се разврзала Солунската афера. Таа ноќ турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев — Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија. Набргу дошло до масовни претреси, а на 25 јануари биле уапсени Христо Матов и Пере Тошев . На 23 јануари 1901 година (стар стил) се разврзала Солунската афера. Таа ноќ турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев — Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија. Набргу дошло до масовни претреси, а на 25 јануари биле уапсени Христо Матов и Пере Тошев.
Најголемиот дел од уапсените биле сместени во истражниот затвор во Солун. Таму се нашле и Христо Татарчев, Христо Матов и Пере Тошев. По неколку дена тие биле префрлени во централниот вилаетски затвор Једи Куле. На 20 февруари 1901 година било покренато обвинението против 19-мината прво-обвинети. Со него биле обвинети: Милан Михајлов, Кочо Георгиев, Коце Лазаров, Тодор Иванов Карапетков, Васил Мончев, Христо Татарчев, Христо Матов, Пере Тошев, Поп Стамат и други. Тие биле обвинетеи за државен престап во целина против Отоманското Царство сакајќи “да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает.
или во најмала рака овие три вилаети да бидат присоединети кон Бугарија”.
Според еден документот од англиско потекло, тие било обвинети за “организирање на револуционерна сила против османската власт со цел: воспоставување во Македонија автономна власт… воспоставување на нова форма на власт (влада) во Македонија “. Ова дело било казниво според членовите 56 и 58 од Османлискиот кривичен закон и според нив следувало смртна казна.
Како резултат на Солунската афера, било одржано судење од 26 февруари до 14 март 1901 г. на кое биле изведени 19 души, членови на Организацијата. Од нив тројца биле осудени на смрт, седум, меѓу кои и Христо Матов и Пере Тошев, на вечен затвор, тројца, меѓу кои и Христо Татарчев и поп Стамат, на петгодишен затвор со синџири, еден на затвор во траење од две години и петмина обвинети биле ослободени.
Поради пренатрупаност во солунскот затвор на 6 јули 1901 година, Татарчев заедно со 38 затвореници, меѓу кој биле Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев Иван Хаџи Николов и др., бил спроведен до паробродот Марија во сопственост на компанијата Хаџи Даут и испратен за Бодрум Кале во Бодрум, Турција каде требало да ја издржуваат својата казна.
Судскиот процес и нивното патувањето со брод во Анадолија го следел францускиот писател и новинар Пјер Д’Еспања кој бил восхитен од храброто држење на Матов. По една година, францускиот писател објавил роман за македонската борба и за него ќе ја напише посвета:
“На Христо Матов, филолог и учител, осуден на доживотен затвор во Будрун. На мрачните и негови славни другари по судбина, на потиснатите, на победените, на мртвите”.
Заедно со Христо Татарчев и Пере Тошев бил помилуван од султанот на 19 август 1902 година.
При крајот на 1902 година Христо Матов е именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.
По носењето на одлуката за востание од ЦК предводен од Гарванов, Матов и Татарчев дале поддршка за истото, особено за време на одржуваното советување во јануари 1903 година во Софија каде присуствуваат најавторитетните дејци на ВМОРО, меѓу кои и Гоце Делчев, кои практично веќе се пред свршен чин одкако ја примиле веста дека одлуката на ЦК е веќе донесена .
Освен во балканските војни Х.Матов учествувал и во првата светска војна заедно со најголем дел од македонците во редовите на бугарската војска и бил одликуван за храброст.
Во март-април 1904 година, по Илинденското востание под псевдонимот “Брут”ја напишал брошурата “Основи на внатрешната револуционерна организација” во која теоретски ги разработил принципите на Македонската револуционерна организација, во која посочува пет основни принципи врз кои се изградува ВМОРО. Тоа се принципите на автономијата, на внатрешноста, на револуционерната борба, на политичко- економската почва и на самостојноста. Напишал и поголем број други книги и брошури посветени на ВМРО како “Востанички дејствија”, Мојата револуционерна дејност”и др.
Познатиот револуционер Георги Баждаров за Христо Матов ќе рече:”Христо Матов остана до своето заболување во 1918
година најголемиот идеолог на Македонското ослободително движење. Меѓу основачите на ВМРО-Даме, Гоце, Перо тој беше умот, – писателот…”.
За Христо Матов има многу да се каже, раскажува и пишува. Ова само беше обид да се направи едно сеќавање за него во општи-генерални црти и само да се долови неговата важност, “тежина” и огромен авторитет во Организацијата додека бил жив и активен.