На 11 март 1943 година бугарскиот окупатор извршил општа блокада и рација за собирање на Евреите во Македонија.

За извршување на ова масовно злосторство тајните агенти и полицијата неколку дена вршеле обемни подготовки. Недвижните имоти на Евреите бил конфискувани, а покуќнината ограбена.

Откако сите Евреи, од Скопје, Битола, Велес, Штип и од други места, биле собрани во Монополот во Скопје, на 22 март биле транспортирани во германскиот фашистички логор „Треблинка“ на територијата на Полска.

Во овој логор на смртта, по извесно време, германските фашисти ликвидирале над 7.000 Евреи од Македонија.

Кобното утро за битолските Евреи – 11 март 1943 година

Претставници на институции од Битола, здруженија на граѓани и поединци, вчера и денес, со повеќе манифестации потсетуваат на кобното утро од 11 март 1943 година кога 3.276 битолски Евреи беа депортирани од градот.

Масовното населување на Евреите во Битола датира од 1497 година според православниот, односно 5257 година според еврејскиот календар и е резултат на масовното иселување на Евреите од Пиринејскиот Полуостров, со протерувањата од Шпанија, а подоцна и од Португалија.

Шпанските и португалските Евреи, познати како Сефардски Евреи, населувајќи се во Битола, како и насекаде во светот живееле свој посебен живот, прилагодувајќи ги своите народни и духовни потреби на условите на живот кој се одвивал околу нив, а центарот на нивниот општествен живот била нивната општина.

Еврејската населба во Битола ги зафаќала денешниот простор од Безистенот до Здравствениот дом во Битола, а подоцна оформиле нова населба наречена „Ла мале“, која се наоѓала од десната страна на реката Драгор, од дрвениот мост па се до хотелот „Солун“. Во градот имало и трета населба од Мас-пазар до „Пипер ан“ која се викала „Ла Табана“. Во т.н. центар на еврејската населба била синагогата „Ла Хавра“, место кое денес битолчани го нарекуваат „Кај Аврата“.

 

Пријателствата со другото население во градот значеле и споделување на заеднички судбини, но и предизвици па затоа забележливо е учеството на евреите во Илинденското востание, активностите на ТМРО и вклученоста во антифашистичката борба во 1941 година. Во тој период, санкциите против Евреите се засилуваат, во 1942 година тогашниот окупатор им наредил да живеат во помал станбен простор, забрането им било да користат автомобили, радиоапарати, телефони…се до одлуката кога кобното утро на 11. март 1943 година, 3.276 битолски Евреи се депортирани во концентрациониот логор Треблинка.

Во знак на сеќавање и денес битолчани ќе положат цвеќе пред Споменикот на депортираните Евреи и народната хероина Естреја Овадија Мара кои се наоѓаат пред Домот за народно здравје „д-р Хаим Абраванел“ во Битола.

(Подготвил: Д. Г.)