Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во синоќешната изјава го нападна „вакциналниот национализам и складирањето вакцини“ од страна на побогатите земји, една година по прогласувањето на пандемијата на коронавирусите.

Гутереш рече дека светот се соочил со „цунами на страдање“ во текот на минатата година, и додека „вакцините даваат малку светло на крајот од тунелот“, тој изрази длабока загриженост поради разликите во пристапот до лекот.

– Гледаме многу примери на вакцинален национализам и складирање на вакцини во побогатите земји – како и континуирани посебни договори со производителите што го нарушуваат пристапот за сите, рече шефот на ОН.

– Глобалната кампања за вакцинација претставува најголем морален тест за нашето време, истакна Гутереш.

Тој рече дека многу земји со ниски примања сè уште не добиле ниту една доза вакцина, додека некои побогати земји се на пат да добијат инјекции за целото население.