Опстанокот на човештвото зависи од тоа како луѓето управуваат со водата, изјави синоќа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на крајот од тридневната конференција за светските водни ресурси.
– Сите надежи на човештвото за иднината некако зависат од трасирање на нов пат кон одржливо управување и зачувување на водите, рече Гутереш во својот завршен збор.
Ова, вели тој, вклучува рационално користење на водата за земјоделски потреби и поагресивно дејствување против климатските промени. Водата „мора да биде во центарот на светската политичка агенда, додаде тој.
Во извештајот објавен пред конференцијата се вели дека 26 отсто од светското население – две милијарди луѓе – немаат пристап до здрава вода за пиење, а 46 отсто – 3,6 милијарди луѓе – немаат пристап до основна санитарна инфраструктура.