Германија треба да почне да штеди енергија за да стане понезависна од руските фосилни горива, изјави германскиот министер за економија, Роберт Хабек, во мигови кога најсилната европска економија бара начини да го намали увозот на гас и нафта од Русија заради воената интервенција на Москва во Украина.
Со зголемувањето на бројот на цивилни жртви во Украина, Германија е под се посилен притисок да го прекине увозот на руски гас и нафта, активност што се посочува како основен извор на приходи за Москва и начин за обезбедување средства за водење војна.
Хабек вели дека Германија би можела да стане помалку зависна ако граѓаните ја намалат потрошувачката на енергија, со предлози да користат возови или велосипеди наместо да возат автомобили секогаш кога е можно.
– Секој километар што не е извозен е придонес кон намалување на зависноста од руските енергетски извори. Со тоа ја штитиме и климата“, рече Хабек во интервју за германски медиум.
Тој истакна дека постои можност за десетпроцентно намалување на индивидуалната потрошувачка на енергија, а тука можат да придонесат и самите работодавци на начин што ќе им дадат можност на вработените да работат од дома кога има услови за тоа.
– Секаде каде што е можно, може да се работи повторно од дома еден или два дена во неделата – првично на доброволна основа, рече германскиот министер за економија.