Најмалку 304 луѓе загинаа, а 1.800 се повредени во земјотресот со интензитет од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди вчера југозападниот дел од Хаити, соопштија властите. Земјотресот уништил куќи, училишта, хотели и цркви.
Епицентарот на земјотресот бил на 8 километри од градот Петит Тру де Нипес, што е 150 километри од главниот град на карипската островска држава, Порт-о-Пренс, објави американскиот геолошки институт.
Земјотресот се случи на длабочина од 10 километри во саботата околу 8.30 часот по локално време, и беше почувствуван во Куба и Јамајка, проследен со серија последователни земјотреси.
Цивилната заштита на Хаити објави дека бројот на жртвите од земјотресот се искачи на 304 загинати и најмалку 1.800 повредени. Во спасувачките операции на итните служби и населението, многумина беа извлечени од урнатините, но по многумина се уште се трага.
Во земјотресот се уништени најмалку 949 куќи, седум цркви, два хотели и три училишта, а оштетени се повеќе од 700 куќи, седум училишта, три болници и затвор, но нема информации за поголема штета на поморската, воздушната и телекомуникациската инфраструктура.
Премиерот Ариел Хенри прогласи едномесечна вонредна состојба.