За јавноста останува дилемата зошто по скандалозниот договор со кинески „Синохидро“ за патот Кичево – Охрид, кој и по неколку анекси на договори не е готов, а цената дополнително му расте, сега се влегува во нов договор без тендер со нов конзорциум за изградба на три патни делници.

Прашањето го поставува поранешниот министер за финансии и економски аналитичар, Џевдет Хајредини.

– Дополнително се отвора дилемата со информациите дека конзорциумот гради по високи цени и со недозволени клаузули во договорите кои обично не се достапни до пошироките граѓански маси, гласи дилемата на Хајредини што ја објави на неговиот профил на Фејсбук.

Инаку, автопатот кон Охрид, кој одамна требаше да биде готов, се уште е оставен како што актуелната власт го наследи од претходната. Актуелната власт, која го врви вториот мандат, од автопатите успеа свечено и со чочеци да ја пушти во употреба само делницата од Демир Капија кон Гевгелија, што ја изгради „режимот на Груевски“.