Најбогатата држава со нафта во светот Венецуела е во тешка економска, веќе и во политичка криза.
Сиромаштијата се повеќе се шири поради што околу три милиони жители ја напуштија Венецуела. Од вчера опозицијата сака да ги преземе работите во свои раце додека актуелниот претседател Николас Мадуро нема намера да ја предаде власта и вели дека има поддршка од армијата.
Ситуацијата е сериозно опасна бидејќи постои реална закана од почеток на граѓанска војна.
Приврзаници на опозицијата со денови протестираат против новиот мандат на Мадуро во градовите Каракас, Валенсија, Баркисименто, Маракаја, Санхристобал. Во изминатите три дена повеќе од 200 луѓе беа приведени најмалку 16 демонстранти се загинати.
Од своја страна Мадуро ги повика своите приврзаници на демонстрации за поддршка на владата.
Претседателот на Парламентот Хуан Гуаидо синоќа се прогласи за привремен претседател и даде заклетва. Веднаш по тој потег американскиот претседател Доналд Трамп го призна официјално Гуаидо за вршител на должноста, претседател на Венецуела. Тој ги повика и другите западни влади да го признаат Гуаидо и најави продолжување на притисокот врз Караказ.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео го повика Мадуро да ја напушти претседателската функција и ја повика армијата на Венецуела да ги поддржи напорите за обнова на демократијата.
Како одговор венецуелскиот министер за одбрана Падрино Лопез објави дека армијата е на страната на Мадуро и не го признаваат Хуан Гуаидо за претседател на Венецуела. Претходно Мадуро соопшти дека државата ги прекинува дипломатските односи со САД .
– Одлучив да бидат прекинати дипломатските и политички односи со империјалистичката влада на САД. Надвор! Да си одат од Венецуела, тука имаме достоинство, изјави Маудо.
Тој им даде рок од 72 часа на дипломатите на САД да ја напуштат Венецуела. Мадуро ги обвини опозицијата и САД дека се обидуваат да извршат државен удар и да донесат на власт марионетска влада.
Хуан Гуаидо преку Твитер објави дека Венецуела поддржува дипломатски односи со сите држави во светот и изрази подготвеност да биде обновен уставниот поредок во државата. Во писмо до амбасадите до сите држави кои имаат диполоматски претставништва во Венецуела Гуаидо ги повика да го зачуваат дипломатското присуство во државата.
Европската комисија соопшти дека внимателно го следи развојот на ситуацијата во Венецуела.
Шефот на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини повика за „итно почнување политички процес во Венецуела по кој ќе се оддржат слободни избори во согласност со Уставот“.
Француското претседателство соопшти дека се консултира со европските партнери пред да заземе став додека германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги повика страните во конфликтот во Венецуела да зачуваат мир и да се воздржат од насилство.
Венецуела има повеќе нафта од која и да е друга држава во светот. Некогаш беше една од најбогатите држави во Латинска Америка, а денес Венецуела страда од недостиг на речиси се – од тоалетна хартија до антибиотици и храна. Економијата веќе пет години по ред е во голем пад.
Економската ситуација и репресиите против оние кои не се согласуваат со владината политика натераа речиси три милиони Венецуелци да ја напуштат држатавата.
САД и ЕУ воведоа санкции против таа држава заради непочитување човекови права, политички репресии и корупција.
Лидерот на опозицијата кој се самопрогласи за претседател, Хуан Гуаидо беше речиси непознат досега. Од него се очекува во следните денови да успее одново да ја мобилизира опозицијата и сите противници на Мадуро кои во изминатиот период беа поделени и ослабени.
Гуаидо на 5 јануари стана претседател на Парламентот.
Во изминатите години влијателните луѓе од опозицијата како Енрике Каприлес, Фреди Гевара и Леополдо Лопез исчезнаа од политичката сцена. Лопез е во домашен притвор, Каприлес е лишен од граѓански права, а Гевара побара азил во Амбасадата на Чиле во Каракас.
Гуаидо е во политиката од 2007 година откако учествуваше во протести против поранешниот претседател Хуго Чавез.
Тој има поддршка од генералниот секретар на Органзиацијата на американски држави Луис Алмагро на САД и Бразил. Во неделата светот го обиколија инсерти од пасењето на Гуаидо од страна на венецуелската разузнавачка служба. Неколку часа подоцна тој беше ослободен. Два дена подоцна доби поддршка од потпретседателот на САД, Мајк Пенс за „смелото лидерство“.
Случувањата во Венецуела го покажуваат вистински однос на Западот кон меѓународното право, изјави денеска портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
– Случувањата во Венецуела покажуваат многу добро како напредното западно општество навистина го третира меѓународното право, суверенитет и немешање во внатрешните работи на други држави, директно менувајќи ги работите таму, изјави Захарова.
Опозицискиот лидер и претседател на Парламентот Хуан Гуаидо вчера се прогласи себеси за привремен претседател на Венецуела.
Потпретседателот на Бразил, Хамилтон Мурао изјави дека неговата држава го признава опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за претседатаел на Венецуела, но отфрли можност за бразилско учество во евентуална воена интервенција против Владата на Николас Мадуро.
– Мешање во внатрешни работи на други држави не е наша надворешна политика, изјави Мурао.
Бразилското Министерство за надворешни работи соопшти дека Бразил „политички и економски ќе поддржи процес на транзиција за да се вратат демократијата и социјалниот мир во Венецуела“.
Тоа соопштение беше објавено и преку Твитер од претседателот Жаир Болсонаро кој е жесток критичар на Владата на Мадуро која ја нарекува „диктатура“.
Според Мурао, политичката поддршка за која се зборува во соопштениео се гледа „токму во одлуката“ на Болсонаро да го признае Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела.
Во изминатите три години, повеќе од 100.000 граѓани на Венецуела преминаа во Бразил поради економската криза во нивната држава.