Харадинај ова го објави по церемонијата што се одржа попладнево по повод потпишувањето на спогодбата меѓу владите на Косово и Албанија за подигање на единстен граничен премин меѓу двете земји.
– Тоа што некогаш беше граничен премин на Косово, не постои веќе, сосема е отстрането. Не очекува и развојот на другиот дел од потребните договори и протоколи, за да не се запираат возилата, односно тука ќе се запира само по некое возило заради потребните рутински процедури, изјави Харадинај на граничниот премин Морина.
Меѓудржавната спогодба за воспоставување единствен граничен премин денеска ја потпишаа министрите за внатрешни рабооти на Косово и Албанија, Екрем Мустафа и Сандер Лешај.
Целта на спогодбата, како што изјавија претставниците на двете држави, е да се воспостави интегрирано менаџирање на границата од двете држави, а Харадинај изрази уверување дека тоа ќе се случи мошне наскоро.
– Значи, нема да има двојна контрола, туку само една и верувам дека до 2 април оваа граница ќе биде точката која не обединува, изјави косовскиот премиер, најавувајќи интензивирање на работите во текот на наредните месеци за „целосно укинување на границата Косово-Албанија, засновано врз шенгенските принципи“.
По потпишувањето на спогодбата меѓу Приштина и Тирана, Харадинај се огласи и на својата страница на Фејсбук, каде што оцени дека, со ова, „се јакне и унапредува билатералното партнерство меѓу двете земји“.
– Во тој дух, денеска бев почестен да учествувам на потпишувањето на договорот за подигање на заеднички гранични точки меѓу Косово и Албанија по принципот на ИБМ и на нашиот заеднички европски пат. Од денеска гранцата меѓу Косово и Албанија веќе не постои! Честитки Косово, честитки Албанија!, порача Харадинај.