Ако не може да најде решение за Русија, Западот е многу способен да најде решение за Србија, изјави поранешниот косовски премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај.
Тој смета дека, и покрај напнатата ситуација во светот по руската агресија на Украина, на Косово не му се заканува сериозна опасност од дестабилизација. Ова го истакна во синоќешното интервју за ТВ Дукаѓини. Харадинај рече дека „Русија има влијание во одредени делови на Балканот, но не е воопшто присутна во Косово“.
Според Харадинај, Србија не би се осмелила да ја искористи моменталната криза предизвикана од руската интервенција во Украина за некакво дејствие во северно Косово, затоа што, како што рече, „цел свет ќе знае дека (српскиот претседател, Александар) Вучиќ работи за сметка на Русија“.
– Доколку и нема можност да ја реши Русија, Западот е многу способен да најде решение за Србија, бидејќи, како што знаеме, тоа го стори и порано, во 1999 година, рече Харадинај.
Според лидерот и актуелен пратеник на опозициската ААК, Вучиќ и Србија немаат храброст да преземат нешто во косовскиот север, „поради меѓународните гаранции“ за безбедноста на Косово.
– Знам дека Американците нема да дозволат ниту еден српски војник да стапне на косовска територија. Знам дека ќе се бомбардира Белград доколку се случи такво нешто, исто како во 1999 година. Ова го знае многу добро српското раководство. Еден српски офицер ако премине на територијата на Косово, ќе се бомбардира Белград, не некоја друга територија, изјави Харадинај.
Србија, рече тој, е свесна дека за безбедноста на Косово се грижат Соединетите Американски Држави и другите меѓународни сојузници.
– Ние треба да си го сработиме тоа што е наша работа. Меѓутоа, Србија знае дека Косово е зона на одговорност на Америка, Британија и другите сојузници, порача Харадинај.