Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Жозеп Борел ги повика граѓаните да го намалат греењето во нивните домови како еден од начините за намалување на зависноста на Унијата од руски гас поради конфликтот во Украина.

– Предизвиците со кои се соочуваме ќе бараат многу цврст став и мораме да бидеме подготвени да ја платиме цената“, изјави Борел.

Тој сугерира „европските граѓани да го намалат греењето во своите домови“, како дел од нивните „индивидуални напори за намалување на потрошувачката на гас“.

ЕУ во моментов со увоз од Русија задоволува 45 проценти од своите потреби за јаглен, 40 отсто за гас и 27 отсто за нафта. Борел вели дека ЕУ презема чекори за да ја прекине „папочната врвца што ја обединува нашата економија и руската“ заради прекинување на „протокот што ѝ овозможува на Русија да акумулира резерви со кои ќе го финансира конфликтот во Украина“.

Европската комисија во вторникот го претстави предлогот „Европа да се направи независна од руските фосилни горива пред 2030 година“. Унијата ќе почне со намалување на побарувачката на ЕУ за две третини пред крајот на годината како одговор на воената активност на Русија.