САД се повлекуваат од Советот за човекови права на ОН, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, истакнувајќи дека тоа е „организација која не е достојна за нејзиното име”.
Објавувајќи го повлекувањето во обраќањето во Стејт департментот, заедно со државниот секретар Мајкл Помпео, таа рече дека Вашингтон одлучил да го преземе овој чекор, бидејќи другите земји „немаа храброст” да се приклучат на американската борба за да се реформира, како што рече, „лицемерното тело кое служи само на себеси “.
-Со овој чекор, сакам да бидам кристално јасна дека тоа не значи да се повлекуваме од нашиот ангажман за човекови права, додаде Хејли.
Американската амбасадорка потсети дека пред една година јасно ставила до знаење дека САД ќе останат во Советот на ОН само „ако се спроведат суштински реформи”.
Според неа, јасно е дека тие повици за промени останаа неодговорени.
Покрај тоа, Хејли остро го критикуваше членството во Советот на земји како Кина, Куба, Венецуела и ДР Конго, кои, како што рече, самите се обвинети за кршење на човековите права.
Таа, исто така, ги критикуваше Русија, Кина, Куба и Египет, бидејќи, како што рече, ги осуетуваат американските напори за реформи на Советот.
Хејли упати критика и за земјите кои ги делат американските вредности и го охрабри Вашингтон да остане во Советот, но „не беа подготвени сериозно да го оспорат статус квото”.
Хејли, исто така, рече дека Советот за човекови права на ОН има „хронични предрасуди против Израел”.
Сепак, таа забележа дека „САД со задоволство би се приклучиле на Советот”, ако тоа тело спроведе реформи.Таа минатата година се закани со повлекување, наведувајќи ја како причина долгогодишната американска жалба дека Советот со 47 члена е пристрасен на штета на Израел.