Синдикатот на „Хјундаи“ предупреди денеска дека зголемувањето на царинските давачки за автомобили, што го разгледува Вашингтон, може да предизвика затворање на десетици илјади работни места во Америка и изрази загриженост за глобалната автомобилска индустрија поради интензивирањето на трговските конфликти меѓу САД и другите земји.
Синдикатот во најголемата јужнокорејска автомобилска компанија преку соопштение наведува дека продажбата на „Хјундаи“ во нивната фабрика во Алабама ќе биде погодена, доколку американскиот претседател Доналд Трамп наметне царински давачки од 25 отсто за автомобили, а со тоа ќе загрозат и околу 20.000 работни места.
– Ако извозот на автомобили од Јужна Кореја во САД е блокиран и продажбата е загрозена, американската фабрика во Алабама, која работи од мај 2005 година, би можела да биде првата што ќе биде затворена, што значи дека околу 20.000 американски работници се изложени на ризик да добијат отказ, се наведува во соопштението.
Оваа синдикална организација, која има 51.000 членови во Јужна Кореја, потсетува дека во нивните договори со „Хјундаи Моторс“ постои клаузула која гарантира дека компанијата прво ќе ги затвори фабриките во странство пред да ги затвори своите фабрики во Јужна Кореја во случај реструктуирањето да стане неизбежно.