Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), на која се разговараше за можностите за соработка во зелената транзиција, поттикнувањето инвестиции во зелени технологии и подобрувањето на деловното окружување.
На средбата беше истакнато дека зелената транзиција не е само еколошка обврска, туку и развојна можност за отворање нови инвестиции, зголемување на конкурентноста на компаниите, јакнење на енергетската независност и создавање одржливи работни места.
„Турските компании и стопанственици се значаен дел од деловната заедница. Сакаме нивното знаење, искуство и капитал да бидат дел од процесите на модернизација и зелена трансформација на нашата економија. За тоа ни се потребни отворен дијалог, партнерство и предвидливи услови за инвестирање“, истакна Хоџа. Според министерот, целта е да се изгради систем во кој заштитата на животната средина и економскиот развој се надополнуваат и во таа насока изрази подготвеност за разговор за конкретни инвестициски иницијативи.




