Во Холандија четврта вечер по ред се протестира против мерките за карантин, додека излозите на некои продавници беа забарикадирани, а нивните вработени испратени дома порано од безбедносни причини.
Властите ги повикаа родителите на тинејџерите да не ги пуштаат да излегуваат, предупредувајќи дека може да завршат со кривично досие и да добијат огромни казни за уништување автомобили, продавници и јавен имот.
Полицијата беше повикана за сузбивање на немирите во повеќе од десет градови.
– Сме имале протести во минатото, но ретко се случувало да се одржуваат неколку ноќи по ред во градовите низ целата земја, рече портпаролката на националната полиција.
Таа објасни дека тие не се одржуваат само во области за кои се знае дека се проблематични, туку дека се многу пораспространети.
Холандската полиција синоќа уапси повеќе од 180 лица кога групи демонстранти започнаа да палат оган, фрлаат камења и ограбуваат продавници во неколку градови. Досега се уапсени повеќе од 470 лица, а полицијата користела водени топови во повеќе градови.
Болницата во Ротердам ги предупреди роднините и пријателите на пациентите да не доаѓаат откако претходните денови демонстрантите ги нападнаа болниците во повеќе градови.
Десетмина полицајци се повредени синоќа во Ротердам.
Во Холандија во саботата стапи на сила полициски час, првпат по Втората светска војна, и покрај фактот дека бројот на новозаразени се намалува, откако Националниот институт за здравство соопшти дека новиот вид откриен во Велика Британија претставува третина од новите случаи.
Училиштата и продавниците кои не продаваат основни намирници беа затворени во средината на декември, а кафулињата и рестораните два месеца пред тоа.