Холандската верзија на новата книга „Endgame“ на Омид Скоби за британското кралско семејство е повлечена од продажба во Холандија, откако наводно случајно открива кој член на кралското семејство ја коментирал бојата на кожата на синот на Хари и Меган, Арчи.
Спорниот пасус беше отстранет од англиската верзија на книгата.
Издавачката куќа „Xander“ објави дека „книгата ‘Eindstrijd’ (на холандски) од Омид Скоби е привремено повлечена од продажба“.
„Имаше грешка во холандскиот превод и во моментов работиме на корекција“, додаде издавачот. Сѐ уште не е познато кога книгата ќе се појави на полиците на книжарниците.
Според британските медиуми, во книгата ненамерно е именуван член на британското кралско семејство кој наводно ја коментирал бојата на кожата на синот на Хари и Меган, Арчи, што предизвика расправии и дополнително го продлабочува јазот меѓу Хари, Меган и остатокот од семејството.
Во 2021 година, Меган, чија мајка е црна а таткото е бел, во американското шоу на Опра Винфри рече дека член на кралското семејство прашал колку ќе биде темна кожата на нивното тогаш неродено прво дете.