Претседателот Стево Пендаровски синоќа порача дека треба да се почека од понеделник за да се види како ќе се развива ситуацијата по неуспешниот обид за изгласување недоверба на Владата.
– Јасно е дека состојбата сега е пата-пата. Да видиме дали од понеделник ќе се формира ново, ќе се обнови постојното или ќе се зголеми ова мнозинство што е досега, изјави шефот на државата.
Во врска со можноста за одржување на лидерска средба, Пендаровски посочи дека за такво нешто потребна е взаемна согласност и од власта и опозицијата, а кога станува за збор за евентуални предвремени парламентарни избори, тој нагласи според Уставот, постои само еден начин за распишување предвремени избори, а тоа е пратениците со 61 глас „за“ да го распуштат Собранието.
Во меѓу време, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера побара оставки од лидерите на противничките партии.
СДСМ преку пратеникот Дарко Каевски порача дека „по сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си поднесе оставка.
– Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти-НАТО и анти-ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Заради пуста желба за власт, Мицкоски ги погази сите негови претходни ставови, уште еднаш се потврди дека тој нема став, дека е обичен калкулант желен за власт. Се што Мицкоски кажа – излажа. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса. Затоа оставка, нагласи Каевски на прес-конференција.
Од друга страна, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, исто така на прес-конференција, побара оставка од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
– Граѓаните одлучија дека се против оваа Влада на локалните избори, каде ВМРО-ДПМНЕ со 100.000 разлика го поразија расипничкото и мафијашко владеење на СДСМ. Зоран Заев и СДСМ се најголеми лузери и губитници на овие избори. Одговорност мора да има и ќе има. Дали сега или понатака, одговорност мора да има. Што побрзо ја даде ветената оставка за изгубените избори, толку побрзо ќе ја ослободи државата од неговите криминални пориви, порача Арсовски.
Преку партиско соопштение се огласи ДУИ, која оцени дека „наводното опозициско мнозинство од 61 пратеник во состав Левица, Алијанса, Беса, ВМРО и Алтернатива ги загрижи нашите граѓани, но и регионот и нашите сојузници во Брисел и Вашингтон“.
– Ова мнозинство со право медиумите и граѓаните го оквалификуваа како анти-НАТО, анти-САД, анти-ЕУ, но и против признавањето на Република Косово и против Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија. Оваа група на егзекутори на европската и евроатлантската перспектива на Северна Македонија сериозно го наруши имиџот на нашата земја и институционалната стабилност, но и кредибилитетот на интегративниот процес. Стимулирањето на кризата и предвремените избори директно го загрозуваат отворањето на преговорите со Европската унија во декември годинава, наведе ДУИ.
Централно претседателство на Движење Беса синоќа од Тетово порача дека партијата уште еднаш ја реафирмира својата ориентација кон евроинтегративните процеси, сметајќи дека членството во ЕУ е единствената опција за иднината на Македонија.
Од партијата посочија дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на државата, а партнерство со САД и ЕУ ја обезбедува прозападната иднина на Македонија.
– Беса ќе го продолжи политичкиот пат за правда и демократија како и борбата против апсолутната власт на ДУИ и во таа насока ќе соработуваме со сите политички субјекти кои делат исти вредности и цели, порача партијата.