Туристичката сезона почна, а хотелиерите и станоиздавачите повторно се соочуваат со проблемот на нелојалната конкуренција.

И покрај напорите на локалните власти за регулирање на ова прашање сеуште низ охридските и струшките улици има лица кои нудат сместување што, според првиот човек на ХОТАМ Крсте Блажески, покажува лоша слика и го руши угледот на туристичките центри.

– Каков впечаток ќе добијат гостите, кои уште не влезени во градот ги пречекува некој на велосипед или други трчаат по автомобилот да им понудат сместување. Да не говориме дека има случаи кога нешто нудат, а кога ќе ги однесат условите се поинакви, посочува Блажески.

Претседателот на ХОТАМ вели дека последните години само зборуваме, а уште немаме воведено туристичка полиција, која постои во повеќе држави.

– Нелојалната конкуренција останува. Мора да се најде начин  како да се следи. Засега немаме направено нешто подетално што се издава и во колкав број, истакна Блажески.

Тој смета дека треба да се работи и заради неизбегнување на данокот, односно туристичката такса.

– Не треба да се избегнува ниту туристичката такса или обврските кон општината и државата. Со тие средства би се унапредувале и би оделе напред. Не сме против приватно сместување, но тоа да биде направено на ниво и сите да ги плаќаме обврските. Само така можеме сите да одиме напред, нагласи Блажески.