Туристичките капацитети на охридско-струшкото крајбрежје се исполнети максимално, а хотелиерите очекуваат успешна туристичка сезона.
Претседателот на Здружението на хотелиери на Македонија – ХОТАМ Крсте Блажески заклучи дека по надминување на политичката криза и некои други настани што ги одбележаа изминатите години, зголемен е интересот од тур-операторите и оти се бара соба повеќе.
Туристичката понуда, според него, е збогатена со изградбата на неколку нови хотели, како и реновирање на постоечки, што го зголемува нивото и квалитетот.
– Се движиме напред, но многу бавно. Од година во година има промени. Да не ги споменуваме годините во кои имаше некои инциденти, случувањата во Куманово, политичките кризи… Сето тоа е надминато. Реалноста е дека требаше да се стигне ова ниво уште пред пет-шест години, а сега да го надградувавме. Доцниме и спори сме во некои одлуки на локално ниво, но добро е што се движиме нагоре, посочи Блажески.
Најпривлечна дестинација, како што истакна, остануваме за Холанѓаните, а веднаш по нив се гостите од Полска, интерес има и во Белгија, а гости на охридско-струшката ривиера се и туристите од Израел, Турција, како и од соседните земји.
– Најголем интерес за летување кај нас има во Холандија како традиционална дестинација за нивниот пазар. Тие работат со чартер-летови од 2011 година. Годинава имаме раст по број на резервации, а очекуваме и по број на ноќевања. Освен Холанѓаните, за седумдневен престој се Полјаците, кои секоја година се побројни, а интерес има и во Белгија, но треба да видиме што фали да го зголемиме бројот на овие гости, рече Блажески.
Бројот на туристи од соседните земји забележа дека не е на завидно ниво, а како причина за слабата посетеност ја посочи патната инфраструктура. Со изградбата на автопатот Кичево – Охрид очекува зголемување на бројот на гости од Србија.
Не изостанува ниту интересот за атрактивните кружни тури, каде гостите се задржуваат два до три дена. Тие, според првиот човек на ХОТАМ, придонесуваат за зголемување на бројот на ноќевања на годишно ниво.