Кандидатот на СДП, Зоран Милановиќ е избран за нов претседател на Хрватска откако денеска во вториот круг од претседателските избори ја победи актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ со разлика од над 105.000 гласови.
По обработени 99,85 отсто од избирачките места, поранешниот хрватски премиер освоил 52,70 отсто, односно 1.031.204 гласови, додека Грабар-Китаровиќ ја доби поддршката на 47,30 отсто од граѓаните, односно 925.764 гласови.
– Победа, како што ветив, изјави Милановиќ вечерва во својот изборен штаб.
Тој во својот победнички говор и се заблагодари на својата противкандидатка Колинда Грабар-Китаровиќ, што предизвика незадоволство и свирежи меѓу присутните во неговиот штаб.
– Ако некого премногу го „нагазив“, ако кажав некоја невистина, тоа не беше намерно. Јас од денеска или утре ќе функционирам и работам поинаку од досега. Хрватските граѓани ме избраа за претседател на Хрватска, на Хрватите и оние кои не се, и среќен сум поради тоа, истакна Милановиќ.
Тој изрази надеж дека ќе соработува со секој во извршната власт и сите партии на формално ниво ќе бидат исти, „бидејќи Хрватска е повеќепартиска парламентарна демократија, а се останато е пат кон автократија, тиранија, самоволие, грабеж и претседателот на тоа мора да биде брана, додавајќи дека Уставот мора да се почитува“.
Милановиќ победи во девет жупании и во четири најголеми градови во Хрватска, а Колинда Грабар-Китаровиќ во 12 жупании, како и во дијаспората.