Сето она што се случуваше на релација меѓу ЕУ и Македонија во изминативе 30 години, е огледало на реалната состојба во Унијата, оценува риечкиот весник „Нови лист“ во текст посветен на европскиот пат на земјава.
Весникот посочува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ поради спорот околу името, кој како што се наведува беше надминат со Договорот од Преспа, „попознат како договор за промена на името на Република Македонија во РС Македонија“.
Весникот нагласува дека по решавањето на овој спор, нови пречки на патот на земјата кон ЕУ става Бугарија.
– Со потпишувањето на Договорот меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, се чинеше дека ќе се решат барем некои отворени горливи прашања меѓу двете земји. За жал, на почетокот на ноември оваа година, Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за РС Македонија и нејзината предлог-декларација, бидејќи не ги обезбедуваат потребните гаранции за исполнување на условите што ги бара Бугарија, наведува „Нови лист“.
По ова, според весникот, Бугарија започна со ултимативни барања, како тоа Македонија „да се откаже од тезата за постоење на етнички Македонци во Бугарија“, потоа „отстранување на одредени македонски историски личности од учебниците затоа што тие наводно биле Бугари“, како и откажување „од употребата на терминологија за „бугарска фашистичка окупација“ на Македонија за време на Втората светска војна“.
– Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна изјави дека „триесет години по демократските промени, не може од една страна да сакате да бидете членка на европското семејство, а од друга страна да го славите еден од најсуровите диктатори на 20 век – Јосип Броз Тито“. Некои, како што е потпретседателот на бугарскиот Парламент, Веселин Марешки, лидер на десничарска популистичка партија, отиде чекор подалеку. Тој тврди дека Бугарија и С. Македонија, бидејќи станува збор за еден народ, треба да се обединат, па со тоа „како браќа автоматски да станат европски граѓани“, потсетува хрватскиот весник.
„Нови лист“ нагласува дека интересно е тоа што според една анкета, дури 83,8 проценти од Бугарите ја поддржуваат блокадата на Македонија, се додека не биде постигнат договор за историјата, односно „додека С. Македонија не се согласи со барањата на Софија“.
– Без разлика на тоа како ќе се одвива ситуацијата околу РС Македонија, треба да се запомни еден важен факт. Грција и Бугарија се членки на ЕУ, кои при влегувањето во ЕУ ги прифатија основните договори на Унијата, а со тоа и правилата за однесување во согласност со европското законодавство. Затоа, се што се случуваше изминативе триесет години на релација ЕУ- Македонија, во исто време е огледало на реалната состојба во Унијата, заклучува „Нови лист“.