Поројните дождови поплавија десетици илјади шатори во преполните кампови за раселени Палестинци низ Појасот Газа, при што во изминатите 12 часа се поплавени најмалку 70.000 шатори и се погодени десетици илјади лица, соопштија локалните власти.

Според нив, надојдената вода однела многу засолништа, а насекаде има натопени ќебиња и душеци. Има информации за повредени лица, но не и за загинати. Службата за цивилна заштита во Појасот Газа соопшти дека добила 1.500 повици за помош од раселени Палестинци, додека во невремето се урнале и три ненаселени куќи, каде што исто така нема повредени.

Претставници на локалните власти и на цивилната заштита изјавија дека не успеале да се справат со невремето поради недостиг на гориво и оштетена опрема, посочувајќи дека израелските сили за време на војната уништиле стотици возила, вклучувајќи булдожери и опрема за испумпување вода.

Денеска „Хамас“ го обвини Израел дека не дозволува внесување шатори, церади, монтажни контејнери за живеење и градежни материјали во Појасот Газа. Израелската служба КОГАТ (COGAT), надлежна за цивилните прашања на палестинските територии, сè уште не ги коментираше обвинувањата на „Хамас“, но вчера соопшти дека, со посредство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, во Појасот Газа влегле уште четири цистерни-камиони за испумпување вода, кои се приклучуваат кон уште осум камиони доставени во текот на изминатиот месец.

Некои од жителите на бегалските кампови самостојно се обидуваат да ги поправат оштетените шатори, додека други ги зацврстуваат засолништата со песок за да спречат навлегување на водата.

Војната предизвика раселување на поголемиот дел од двомилионското население на Газа, каде што голем дел од енклавата е претворен во урнатини, а повеќето Палестинци живеат во шатори. Прекинот на огнот, договорен минатата година со посредство на САД, предвидуваше обновување на Газа, но напредокот е минимален бидејќи преговарачите не успеаја да постигнат договор за условите за разоружување на палестинското исламистичко движење „Хамас“ и за повлекување на израелските сили, кои контролираат околу две третини од палестинската територија.

Според податоците на палестинските власти, од почетокот на израелската офанзива во Појасот Газа загинале повеќе од 74.000 жители на територијата. Израелската офанзива започна откако на 7 октомври 2023 година милитанти предводени од „Хамас“ го нападнаа Израел, при што убија повеќе од 1.200 лица, а 251 лице беше земено како заложник, според официјалните израелски податоци.

МИА