Француската влада, по неколку други европски земји, како Велика Британија и Данска, денеска започнува со укинување на некои ограничувања за пандемијата на Ковид-19, одлука што предизвикува поделби во контекст на сè уште тензичната здравствена ситуација.
Франција започнува со укинување на мерките само неколку часа откако „Фајзер/Бионтек“ најави дека ќе бара итно одобрување во САД за употреба на вакцината против Ковид-19 за деца на возраст од шест месеци до четири години.
Како што пренесуваат француските медиуми, доколку Американската агенција за лекови (ФДА) даде зелено светло, тоа ќе биде дополнителна алатка за заштита од коронавирусот, кој особено брзо циркулира во училиштата.
Во француските училишта само четири отсто од децата на возраст од 5 до 11 години се вакцинирани. Претседателот Емануел Макрон рече дека сака, доколку трендовите останат како што се сега, во февруари и март да се олеснат мерките во училиштата. Тоа прашање денеска ќе се најде на дневен ред на штабот за борба против пандемијата.
Во пресрет на таа одлука, Французите од денеска повеќе нема да мора да носат маски на отворено, а работата од далечина веќе не се наметнува туку само се препорачува.
Од 16 февруари, диско клубовите, кои се затворени од 10 декември, ќе можат повторно да се отворат и повторно ќе бидат дозволени концерти.
И во Шпанија започнува отворањето на диско клубови и други локали за ноќен живот. Ова прво ќе се случи во Каталонија, на 11 февруари, по речиси два месеца.
Норвешката влада во вторникот објави крај на мерките против Ковид, оценувајќи дека општеството треба и мора да живее со вирусот.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус во вторникот предупреди дека е премногу рано да се прогласи победа над пандемијата или да се укинат мерките за запирање на ширењето на вирусот.
-Премногу е рано за која било земја да прогласи победа, рече Тедрос на прес-конференција, притоа изразувајќи загриженост за големиот број смртни случаи во некои региони во светот.