Членовите на Синдикалната организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во која членуваат вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ, на 9 февруари 2023 година ќе стапат во штрајк, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија.

– Ова е првпат во 56-годишното постоење на МАНУ вработените во Секретаријатот и стручните единици да стапат во штрајк. Причина за штрајкот се недостоинствено ниските плати на вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ, кои се далеку под просечната плата во РС Македонија, односно малку над минималната плата, се вели во соопштението.

Според Законот за МАНУ, таа е највисоката самостојна научна и уметничка институција во државата.

Во штрајкот, како што стои во објавата на ССМ на нивниот профил на Фејсбук, не учествуваат академиците на МАНУ, како ни научните соработници вработени во истражувачките центри на МАНУ.