Европската ЛГБТ манифестација Европрајд, чиј домаќин годинава е Белград, ќе биде официјално отворена денеска пред Палатата Србија и ќе трае до недела, 18 септември, најавија организаторите.

Традиционалната прошетка, која организаторите инсистираат да се одржи, е закажана за сабота, 17 септември, со почеток во 17 часот пред Собранието на Србија.

Покрај Меѓународната конференција за човекови права и голем број странски гости, дипломати, претставници на странски влади, ќе бидат организирани и голем број изложби, активистички, едукативни, културни и забавни настани.

Во рамките на Европрајд најавени се две концертни вечери, на кои в петок и сабота ќе настапат локални и европски изведувачи како Сенида, Сара Џо, Анџелина, Рој Перез, Патрик Мејсон и многу други.

Белградскиот Европрајд ќе биде, како што наведуваат организаторите, историски, бидејќи е прв што се одржува во регионот на Западен Балкан и во овој дел од Европа.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата првично одлучија да го откажат настанот од безбедноасни причини.

Вучиќ во саботата по седницата на Советот за национална безбедност, на која се расправаше и за Европрајд, изјави дека МВР ќе донесе одлука за нејзино одржување 96 часа пред манифестацијата Европрајд, во законскиот рок.

Координаторот на Европрајд, Горан Милетиќ, постојано потенцираше дека манифестацијата ќе се одржи според планираното, со сите над 130 најавени настани, и дека прошетките ќе се одвиваат иако полицијата ги забранила.

– Одлучни сме дека прошетката ќе се одвива според планот, не можеме да имаме Европрајд без прошетка и инсистираме на прошетка. Свесни сме дека полицијата може да ја забрани, тоа се случуваше и порано, но сите тие четири забрани беа противуставни, рече Милетиќ.

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфирије во неделата изјави дека тие се против одржувањето на Европрајд бидејќи, според него, целта на настанот не е само шетање и забава, туку да ги „преобликуваме нашите вредности, нашето општество, нашиот начин на живот, а ние да не сме го барале тоа“.

Тој исто така изјави дека ЛГБТ идеологијата е неприфатлива за православните христијани, нагласувајќи дека тие „не можат да прифатат наметнување нови општествени норми што не се пропагирани од Бога“.