Пратеникот од владејачкото мнозинство Самка Ибраимовски, во отворено писмо до јавноста се обраќа до собранискиот спикер Талат Џафери и до Претседателството на Собранието, пишува скопски Курир.
Во писмото тој реагира што Собранието не му доделило 300 евра за да оди на службен пат.
Не би било воопшто спорно ако Ибраимовски и во земјава ги брани правата на Ромите и се грижи за нив, па да сака во Европа да дискутира на тие теми.
Но, овој политичар кој е во коалиција со Заев, воопшто не се грижи за Ромите.
Така, кога генералниот секретар на Владата, Рашковски, ги навреди, тој не застана во нивна одбрана.
Кога неговите сограѓани Роми се тепани, тој смета дека тоа не е негова грижа и воопшто не застанува во нивна одбрана.
Но, еве, денес, застана во одбрана на правата на еден Ром, односно, на самиот себеси. Имаше време и подетално да образложи зошто е лут што не му дале 300 евра.
Неговата реакција ви ја пренесуваме во целост:
-Jас како пратеник во Собранието уште пред 30 дена добив покана за настан кој ќе се одржи во Мерсин, Турција по повод средба и соработка помеѓу пратениците Роми од регионот.
Најпрво требаше да одржам средба со градоначалникот на Мерсин, г-дин Вахап Шеќер, со хрватскиот пратеник, г-дин Вељко Кајтази, како и со група пратеници во Парламентот на Турција, во делот на проблематиката за Ромите во Европа и надвор од неа.
Јас како пратеник требаше да говорам заедно со Џемал Бекле, пратеник во Собранието на Турција, Вељко Кајтази – пратеник во Собранието на Хрватска на сесијата наречена: „Итноста од политичка поддршка на Ромите и мејнстрим медиумите со цел борба против антициганизмот“ (дискриминација врз Ромите од секаков вид).
Не ми се дозволи да патувам иако организаторот обезбеди хотелско сместување и храна.
Собранието на Република Северна Македонија требаше да обезбеди само авионска карта која чини околу 290 евра.
Го прашувам претседателството на Собранието на Република Северна Македонија, дали Собранието нема 300 евра да плати за авионска карта за службено патување, или и во ова поле има дискриминација, или пак, е празна касата.
Му благодарам на Претседателството на Собранието и ги прашувам како ќе одат во Соединетите Американски Држави ако немаат пари.
Доколку дознаам како пратеник дека поради тоа што сум Ром не ми дозволуваат да патувам или сум дискриминиран, тогаш нема ни потреба да бидам во тоа Собрание“, порачува Ибраимовски.