Речиси година и половина, Австралија со ригорозни мерки на заклучување и карантини, само Мелбурн изброја 17 карантини, се чуваше од корона вирусот. И долго време успеваше во тоа. Бројот на заразени беше минимален, а уште помал бројот на починати.
Логиката на строги мерки опстојуваше и кога стана јасно од примерите на другите дека вирусот не може да се задржи на тој начин. Властите веруваа и очекуваа дека проблемот ќе се реши со вакцините, но наскоро стана јасно дека и со нив, САРС КОВ 2 нема да биде спречен. Сепак, властите ги задржаа строгите мерки, како оваа која е применета на Ѓоковиќ, а која вели дека прележаноста на вирусот не е доволна за влез во Австралија, доколку не сте вакциниран.
Сепак, и покрај ригорозните мерки, кои доведоа до тоа и австралискиот олимписки тим по враќањето од Кина да биде ставен во карантин, не ја спречија заразата.
Така, во последните 24 часа Австралија бележи над 110 000 позитивни или околу 4 500 позитивни на милиони жители (Австралија има 25 милиони жители). Бројот на починати се уште е низок, во последните 24 часа 25 лица починале, но како ќе се зголемува бројот на позитивни, така ќе се зголемува и бројот на мртвите.
Инаку, Австралија има 77 отсто вакцинирано население, исклучиво со западните вакцини, но денешните 110 000 позитивни и по 70 000 на ден во претходните денови, со прогреисвно зголемување на бројот на мртвите, покажува дека ова не функционира. Зошто тогаш им требаа сцените со Ѓоковиќ, не е сосема јасно.
Колку за споредба, пред некој ден медиумите објавија дека САД срушиле рекорд со пријавени над еден милион позитивни. Но, тие милион позитивни во САД, кои, патем, не беа од еден ден, туку акумулирани податоци и од претходните празнични денови, се помалку од овие 110 000 денешни во Австралија кога ќе се пресмета на милион жители.