Францускиот премиер Филип Едуар соопшти дека нема да има гласање во парламентот за усвојувањето при првото читање на законот за реформа на пензискиот систем, кој предизвика сериозни социјални протести во земјата, јави дописникот на МИА.
Едуар Филип со оваа одлука стави крај на хаотичните дебати во Националното собрание за проектот за пензиските реформи.
-Во согласност со член 49 став 3 од Уставот од 1958 година и откако добив овластување од Советот на министри од 29 февруари, решив да ја преземам одговорноста на владата. Не за да се стави крај на дебатата, туку да се стави крај на оваа епизода на не-дебата. Затоа, реформата ќе биде усвоена при прво читање без гласање, рече францускиот премиер.
Говорот на премиерот ги потресе клупите на Националното Собрание, особено во редовите на пратениците од Непокорна Франција.
Вонредниот совет на министри што се одржа изутринава за коронавирусот, според оваа одлука на премиерот, јасно е дека беше посветен и на други теми.
-После повеќе од 115 часа расправа на јавна седница дење и ноќе, вклучувајќи ги и викендите, Националното собрание дојде на разгледување на член 8 од обична од нацрт законот кој има 65, рече премиерот Едуар Филип пред пратениците.
Имено за реформата на пензискиот систем опозицијата имаше поднесено над 40000 амандмани.
-Во согласност со член 155-1, дебатата е веднаш прекината, продолжи Ричард Феран, претседател на Националното собрание. Овој текст ќе се смета за усвоен, освен ако не се гласа за предлог за гласање на доверба на владата, кој треба да биде доставен до утре во 17:35 часот, под предвидените услови.
Десницата и Социјалистите изразија желба да се гласа за доверба на Владата, а во првите реакции опозицијата зборува за „грешка“, „кукавичлук“, „слабост“ на Владата. Останува да се види реакцијата на синдикатите, кои редовно протестираат против реформата, а меѓу најупорните се адвокатите кои се во штрајк повеќе од еден месец. Некои синдикати веќе повикаа на собир пред Националното собрание.