Собраниската комисија за одбрана и безбедност ќе му предложи на парламентот декларација за поддршка на пристапниот процес за членство на Македонија во НАТО.
– Очекуваме дека оваа декларација ќе биде со акламација усвоена на седницата на Собранието следниот вторник, на 17 јули, изјави денеска претседателот на собраниската Комисија за одбрана Хари Локвенец.
На координативниот состанок на членовите на собраниската Комисија за одбранаи безбедност, одржан вчера, сите претставници на парламентарните групи дале поддршка.
Тој ја поздрави иницијативата на премиерот Зоран Заев за состанок на сите парламентарни партии на кој би се договорале деталите за референдумот.
Првата Декларација за влез на Република Македонија во НАТО е поднесена далечната 1993 година токму од ВМРО-ДПМНЕ и изгласана со консензус од сите политички партии во Собранието во тој период.
Во однос на формирањето на Државната изборна комисија (ДИК) кое е клучно за одржување на референдумот, Локвенец рече дека тоа е приоритет за сите.
– Сметаме на совесноста на парламентарната опозиција и одважувањето да се откочи овој исклучително важен процес за сите граѓани во државата. Преку формирањето на ДИК се отвара патот за отпочнување на сите процеси поврзани со распишувањето на референдумот, рече Локвенец.
Во врска со барањата на опозицијата пред да се избере новиот состав на ДИК, да бидат донесени законите за финансирање на политичките партии и за влада, Локвенец со став дека условот како услов секој ден надополнет со друг услов е излишно. Нагласи дека законот за финансирање на политичките партии и Изборниот законик се целосно усогласени.