Пет амбасадори од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земја актуелен претседавач со Европската унија, акредитирани во Република Северна Македонија ќе учествуваат денеска на панел-дискусија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“.
Како што информираат од УАКС, настанот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која првпат можност за учество добиваат и македонските граѓани, односно студентите од УАКС, преку поддршката од унгарското претседателство на Вишеградската група.
-Имајќи предвид дека по приемот на Хрватска, процесот на проширувањето на Европската Унија доживеа забавување, прашањето за приемот на РС Македонија останува актуелно. Сепак, земјите на Западен Балкан имаат силна перспектива како членки и суштински е важно да се слушнат мислењата на нивните граѓани во однос на иднината на Европа и што тие очекуваат од европските институции, бидејќи тие сепак ќе станат дел од Европската унија. Токму прашањето за тоа какви се мислењата и очекувањата од Европската унија е повод за средба на која петте амбасадори ќе ги претстават своите ставови, по што свои мислења и идеи ќе изложат и студентите од Универзитет Американ Колеџ Скопје, наведуваат организаторите.
На панелот ќе се обрати проф. д-р Марјан Бојаџиев, провост на УАКС а панелисти се амбасадорот на Унгарија Ласло Иштван Дукс, на Чешка Мирослав Томан, словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, полскиот Војциех Тицињски, и словенечкиот амбасадор Милан Предан.
-Конференцијата за иднината на Европа е иницирана од страна на владите на Франција и Германија, со цел заеднички да им се пристапи на овие предизвици и да се размисли за иднината на ЕУ од аспект на тоа какви реформи се потребни, на кои прашања треба ЕУ да им посвети поголемо внимание и кои прашања може да се разрешат подобро од страна на земјите-членки. Овој процес се одвива по принцип на што попосветено слушање на граѓаните, посебно младите луѓе, во однос на тоа што тие очекуваат од европската соработка, кои прашања им значат и како ЕУ може да им помогне, наведува амбасадорот Дукс во пресрет на панелот.
Програмата е организирана од страна на унгарското претседателство на Вишеградската група и УАКС со цел, како што се посочува, да се истакне важноста на процесот на проширување и да се вклучат граѓаните од земјите на Западен Балкан, посебно младите, во процесот на креирање на иднината на Европа.