Игор Дурловски ја отфрла можноста да поднесе барања за амнестија за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Тој на Фејсбук ја соопшти својата одлука дека наместо молба за помилување има намера да продолжи со борбата за докажување на неговата невиност за обвинението за кое му се суди.
-Почитувани, наместо молба за помилување, ја споделувам со Вас мојата одлука да продолжам со борбата за докажување на мојата невиност за обвинението за кое ми се суди. Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили, но, убеден сум дека ме разбираат зошто ова е важно, да се бориме за своите принципи, за правда, доследно и храбро. Се надевам дека со оваа одлука ќе и ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Во свое име и во име на моите пријатели од „Заедничка Македонија“ и на илјадниците чесни и мирољубиви граѓани кои ги исполнуваа улиците со љубов кон татковината. Ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал. Останувам со чисто срце со љубов кон татковината, верба во Бога и надеж за подобра иднина за сите нас.
Да живее Македонија, напиша Дурловски на Фејсбук.
Тој со одлуката, ја сподели и песната „My way“ во изведба на Sex pistols.
Инаку, денеска истекува рокот за поднесување барања за амнестија за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Заклучно со вчерашниот ден до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати вкупно 38 барања за амнестија од обвинетите во неколкуте случаи кои се однесуваат за настаните од „27 април“.
Освен Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ, кои се меѓу 33-та обвинети за настаните од 27 април, на последното рочиште веќе се изјаснија дека нема да бараат милост, туку правда.
Меѓу оние кои досега поднеле барање, според пишувањата на дел од медиумите, се пратениците Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ангелов – Ќосето, Иван Цветановски, Горан Ѓошевски Леви и Митко Пешов, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Абдулфета Алими и Захарие Симовски. Барања за амнестија поднеле, како што пишуваат дел од медиумите и режисерот Борис Дамовски, еден од тројцата водачи на протестите „За заедничка Македонија“,
Барање за амнестија може да поднесат и веќе осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и за нападот на министерката Радмила Шеќеринска. Адвокатите на Панче Ангелов, кој е осуден на четири години затвор за делото „насилство“, врз Шекеринска при упадот во Собранието на 27 април, и на Никола Војминовски осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство врз Зијадин Села, потврдија дека поднеле барање за амнестија.