Предлогот за промена на правилата за членство е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите сегашни членки, изјавиле тројца европски дипломати и еден претставник на ЕУ запознаен со разговорите. Идејата предвидува новите членки да ги добијат целосните права откако Унијата ќе ги реформира своите институционални механизми, за да се отежни можноста поединечни држави да ставаат вето врз европски политики.

Станува збор за нов обид на земјите кои поддржуваат проширување, како Австрија и Шведска, да го оживеат процесот што е блокиран од Будимпешта и уште неколку други престолнини, поради страв од конкуренција на локалните пазари или загрозување на безбедносните интереси.

Претседателот на Одборот за европски прашања во германскиот Бундестаг, Антон Хофрајтер, изјави дека идните членки треба да се обврзат дека нема да имаат право на вето сè додека не се воведе квалификувано мнозинство во повеќето области на одлучување.

Според иницијативата, земјите кои се на пат кон членство — како Украина, Молдавија и Црна Гора — би ги уживале придобивките од членството, но без правото на вето, кое државите-членки традиционално го сметаат за клучен инструмент на суверенитет во рамките на Унијата.

Предлогот, кој неформално се разгледува меѓу земјите на ЕУ и Европската комисија, би овозможил прием на нови членки под пофлексибилни услови, без потреба од отворање на основните договори на Унијата.

Претходно, лидерите на ЕУ инсистираа дека се потребни институционални реформи пред приемот на нови држави, предупредувајќи на ризик од блокади во Брисел. Но, обидите да се укине правото на вето и за постојните членки наидоа на отпор од Унгарија, Франција и Холандија.

Хофрајтер оцени дека планот би овозможил Унијата да остане функционална и по проширувањето, и дека земјите од Западен Балкан го сметаат овој пристап за конструктивен и остварлив.

Идејата се појавува во време на растечко незадоволство во источните и балканските земји-кандидати кои со години спроведуваат реформи, но не напредуваат кон членство.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за Политико изјави дека „сега е време да се оживее процесот и идејата за Европската унија како заедница што сè уште има привлечна моќ“.

Заменик-премиерот на Украина, Тарас Качка, повика на „креативни решенија“ за деблокирање на процесот на проширување, истакнувајќи дека „чекањето не е опција“.

Иако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го постави проширувањето како стратешки приоритет и најави можен прием на Украина и Молдавија до 2030 година, земјите-членки засега не покажуваат подготвеност за забрзување на процесот.

Политико наведува дека лидерите од Западен Балкан — Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија — ќе се сретнат со европските челници во Лондон на самитот во рамките на „Берлинскиот процес“, посветен на поголема регионална интеграција како чекор кон идното членство во Унијата.