Нема заразени луѓе со птичји грип во Зоолошка. Резултатите на двајцата тестирани се негативни. Дополнително, направени се епидемиолошки анкети на 16 луѓе кои се доставени од список на зоолошката градина, информираат од ИЈЗ. Тие во следниот период секојдневно ќе треба да ги информираат лекарите за својата здравствена состојба.
“Воедно е тестирано на ист начин и второ лице вработено во ЗОО кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, но на ден 21.10 се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми.Ве известуваме дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни за птичји грип” – велат ИЈЗ.
Епидемиолозите и здравствените власти смируваат дека нема простор за паника. Велат дека посетители кои биле во зоолошката изминатата недела не треба да се загрижени. Појаснуваат дека болеста од птица на човек се пренесува само со исклучително близок контакт.
Зоолошката е во тринеделен карантин. Агенциајта за храна и ветеринарство на влезот од објектот истакна табла со знак за опасна болест кај животните. Во меѓувреме, велат дека зоолошката постапувала незаконски откако во понеделникот ја пронашле угинатата гуска. Наместо да информираат кај надлежен ветеринар, еден ден подоцна сами ја однеле птицата за проверка. Зоолошката не ја алармирала ниту Агенциајта за храна и ветеринарство, откако бил потврден вирусот.
Првичните симптоми на птичји грип се примарно респираторни, со покачена температура, треска и кашлица.