Двесте и два случаја на заболени од грип се регистрирани до пред десетина дена во Република Македонија, се наведува во извештајот што на својата веб-страница го објави Институтот за јавно здравје.
Новиот извештај за заболени од грип на Институтот се очекува во наредните денови.
Најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 14,5 на 100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст над 65 години. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар и во центрите за јавно здравје во Тетово и во Куманово.
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.218. Споредено со истиот период минатата сезона кога биле регистрирани 1.082 случаи, постои зголемување на вкупниот број пријавени случаи за 12,6 отсто.
Од почетокот на сезоната 2018/2019, во лабораторијата на Институтот пристигнати се 45 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои два (4,4 отсто) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца, еден Influenza A/H3 и еден Influenza A несубтипизиран.