Во текот изминатата недела (од 18 февруари до 24 февруари), во државава се регистрирани 3.209 заболени од грип, што е за девет отсто зголемување споредено со минатата недела кога беа регистрирани 2.943 заболени од грип, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Станува збор за лице на возраст од 86 години од Скопје, кој бил хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатото лице не е утврдено присуство на коморбидитети.

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 115 материјали за тестирање на грип, од кои 77 (67 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип – 67 Инфлуенца A(H1)пдм, осум Инфлуенца A(H3) и два Инфлуенца А несуптипизиран.

Најголем број заболени (1.936) се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години, а највисока инциденца од 350,3 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.

Оваа недела пријавени се заболени лица од 28 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (576), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 12.523. Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 8.398 заболени или 67,1 отсто.

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на средна активност за прв пат оваа сезона. Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор оваа недела е 67 отсто и укажува дека се одржува многу висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, доминира вирусот на инфлуенца – Инфлуенца A(H1)пдм, а циркулира и Инфлуенца А(H3). Оваа сезона се одликува со задоцнет старт, а се очекува одржување на висока активност и достигнување на пикот во текот на следните недели.

Согласно податоците од центрите за јавно здравје и подрачните единици, вакцинирани се 19.348 лица.