Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одлучи да не му предложи на Централниот комитет кандидати за градоначалници за учество на локалните избори во Штип и Пласница.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, причина за таквата одлука е, како што вели апокалиптичната состојба со Ковид-19 пандемијата.
-Ценам дека свесното втурнување во опасност и загрозувањето на животите на граѓаните не е политика што ВМРО-ДПМНЕ ја подржува, ние се спротивставуваме на ваквите девијантни однесувања во политиката и ваквите би рекол „Монти Пајтон“ политичари и ја користам оваа прилика да апелирам на разум, затоа што ситуацијата со пандемијата е девастирачка и алармантна, а тоа го кажа и во оној страшен прес ресорниот министер, кога и покрај сите оние убедувања во минатото дека „блескаме“ дека ситуацијата е под контрола, а по нашите укажувања призна дека ситуацијата не само што не е по контрола, туку е надвор од контрола, рече Мицкоски во гостување на ТВ Алфа.
Тој порача дека е време да се формира Влада на национален спас, потенцирајќи воедно дека Собранието во државата не функционира, како и дека има добра основа за идна коалиција со албанските опозициски партии и опозициски фронт. Има, како што рече, сериозен простор за соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
-Мислам дека довербата почнува да се гради и тоа на едно сериозно високо ниво, очекувам дека во следните вакви настани таа доверба само ќе се зголемува. И очекувам да отидам и чекор понапред од она што го кажав вчера, а тоа е да кулминира со една заедничка коалиција пред одржувањето на локалните избори и заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници, нагласи Мицкоски.