Од саботата до претпладнево, во Грција биле закажани 535.662 нови термини за вакцинација со трета доза, според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, а со оглед на тоа што веќе е намален од шест на три месеци периодот меѓу втората и третата доза, над 500.000 граѓани побарале порано да ја примат бустер дозата, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг со новинарите Иконому посочи дека е зголемен капацитетот на системот за вакцинација и дополнително ќе се зголемува, а откако во вторникот беше соопштена задолжителната вакцинација за лицата над 60-годишна возраст, веќе 59.864 граѓани закажале термин за да ја примат првата доза.

-Односно, над еден од десет лица од конкретната група на најранливи сограѓани, кои останаа незаштитени 11 месеци, побрзаа, за само пет дена, да ја искористат оваа можност што им ја дава науката. Во последните десет дена вкупно 151.489 граѓани од сите возрасни групи закажаа термин за прва доза, а над еден милион за бустер дозата, рече Иконому.

Повтори дека средствата што ги има на располагање Владата за справување со пандемијата се: вакцинацијата, тестирањето и мерките на лична заштита.

Од денеска до крајот на седмицава на сите граѓани во Грција, без разлика дали се вакцинирани или не им следува по еден бесплатен селф тест, односно тест за домашна употреба за да се добие појасна слика за ситуацијата со пандемијата во земјата.