САД се, без каква и да е резерва, најзначајниот стратегиски партнер на Македонија, смета поранешниот новинар и дипломат Тихомир Илиевски, во врска со посетата на сенаторот Крис Марфи, кој порача дека Македонија мора да го смени Уставот за да не ги разочараме партнерите во САД, НАТО и ЕУ.
– Во политиката мора да ги браните интересите и достоинството на својата земја, но во политиката мора да бидете и реалист, дека и многу поголеми и моќни држави ги остваруваат државните интереси преку влијателните меѓународни организации и сојузништва, вели Илиевски, инаку близок со ставови до владејачките структури во Македонија.
Американските лидери смета Илиевски, внимателно ги следат одлуките што ќе ги донесеме овде наредниве месеци, со надеж дека тие ќе бидат соодветни на одлуките што беа донесени пред некоја година за да станеме, денес, „респектирана членка на НАТО“, пренесе Фронтлајн, портал близок до власта.
Илиевски смета дека оваа подршка на САД за Македонија се заокружува со ставот што во Скопје го пренесе американскиот сенатор „дека и војната во Украина отвора нови можности за побрзо членство на земјите од Балканот во ЕУ“.