Ајде да ја направиме најголемата анкета за една власт – избори, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС), која покажа дека најголемата опозициска партија би имала предност пред најголемата партија на власт, доколу следната недела во земјава би се одржале парламетарни избори

Ако СДСМ не ѝ верува на оваа анкета, тогаш ајде да ја направиме најголемата анкета за една власт – избори, повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема анкета на која СДС води, а тоа е така зашто донесоа неспособност, предавства и порази. Анкетите се јасен приказ за тоа што мислат граѓаните за СДС, која губи катастрофално“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението испратено до медиумите.

Партија додава дека нема да ги разочара граѓаните, бидејќи, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, за нив поддршката од народот е огромна одговорност.

Владејачкиот СДСМ, пак, анкетата на ИПИС ја оцени како лажна и, како што порачаа од партијата, во сите релеванти анкети, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ драстично се намалува.

„Оттука, јасно е дека на ВМРО-ДПМНЕ им е потребна нова лажна анкета за нова лажна надеж за Мицкоски. Анкети по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја покријат неработата на градоначалниците од оваа партија во изминатата година. Ниту фактот дека Мицкоски нема став за ниту едно важно прашање“,
велат од СДСМ.

За СДСМ, анкетата на ИПИС со водство на ВМРО-ДПМНЕ е лажна

Институтот за политички истражувања (ИПИС) за сопствени потреби спровел телефонско истражување во периодот помеѓу 23 и 26 мај 2023 на 1 112 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

На прашањето – за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори – 20 отсто од анкетираните би се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 12,9 отсто би го поддржале СДСМ, а 6,5 отсто гласот би го дале за ДУИ.

Во анкетата на ИПИС, чиј програмски директор е Владимир Божиновски, на прашањето во кој политичар имаат најголема доверба, 13,5 отсто од анкетираните се определиле за Христијан Мицкоски, 5 отсто за Димитар Ковачевски, 2,8 отсто за Стево Пендаровски,1,5 отсто за Зоран Заев, а 6,6 проценти за Али Ахмети.