Мене куршум ме пронижа, ако некој жив остане, на мајка ми да кажете Максима го оженивме за црна земја македонска, се вели во песната за војводата Максим Ненов од Тресонче, кој на денешен ден загинал за слобода на Македонија.

На 29 мај 1903 година, на планината Голак, под врвот Чавките во Делчевско, во борба против турската војска загина војводата Максим Ненов, заедно со подвојводата Димитар Стефанов од струшко Јабланица, со 40-тина комити, во нерамен бој со 3.000 аскер.

Роден е во Тресонче во 1870 година, познат како Максим Војвода, но и како Максим Зографот, кој на дваесетина години и се приклучил на ТМОРО (Тајната македонско-одринска револуционерна организација). Во Тресонче завршил основното образование, ја сакал книгата и црквата и бил ученик на зографот Дичо (од истото село).

Максим до својата дваесетта година веќе станал солиден живописец и калиграф, па како и поголемиот број тресончани заминал на печалба. Негова станица била Бугарија, односно градот Стара Загора, каде станал баран зограф и ѕидар. Таму се поврзал со останатите Македонци кои исто така биле печалбари, а некои од и заради обезбедување поддршка за кревање на големото востание во Македонија.

 Нова чета за нови битки

Во 1899 година бил поставен за војвода на две реканско-дебарски чети. Откако и пристапил на Организацијата неколку пати доаѓал во реканскиот крај за да организира востаници, мобилизирајќи Мијаци и дебарчани. Тогаш и за првпат се судира со османлиска војска, но и со качачки банди. Целата 1902 година ја минал на чело на првата чета Мијаци низ реканско – кичевските планини, често пати сардисуван од качаци – Малесори (од областа Малесија во Албанија) кои меѓу населението од Бистра биле познати како озлогласени разбојници.

Во тој период во врвот на Организацијата се случуваат големите провали, како и смртта на великанот Гоце Делчев, но и навлегувањето на бугарскиот врховизам во македонското-ослободително движење и прикажување на тоа движење низ Европа како движење на Бугарите во Македонија. На почеток Максим не бил свесен за таквата реалност, па дејствувал под нивната капа, но подоцна ја увидел опасноста од врховистите за македонското револуционерно движење и заедно со Јордан Пиперката во 1902 година ја распуштил првата мијачка чета и заминал во Бугарија да провери како стојат работите во врвот. Откако видел дека во организацијата бугарската пропаганда станала силна, на своите Мијаци им ја објаснил опасноста и од нив формирал нова чета од Мијаци – печалбари. Новата чета ја формирал на 22 мај во селото Владаја, крај Софија. Таа со 53 комити била побројна од првата. Негов заменик бил Димитар Арсов, учител од Лазарополе, кој водел дневник за формирањето на четата до нејзиниот трагичен крај.

Набрзо турските и бугарските шпиони дознале за формирањето на четата. Комитите откако го бакнале револверот и камата на Организацијата го изиграле и Тешкото – мијачко оро што се игра свирено од зурли и тапани. Откако завршило постројувањето на комитите, Максим Војвода ги повел кон бугарско-турската граница за да влезат во Македонија.

Шест дена и требале на четата за да стигне до границата, минал и празникот Света Троица. На 29 мај ја минале реката Брегалница и влегле во Македонија искачувајќи ја планината Голак. Ноќта паднала, па востаниците на Максим легнале да отспијат.

Дневникот на лазоровецот Димитар Арсов

Во дневникот на лазоровецот Димитар Арсов останало запишано и со какво оружје располагале четниците: 14 пушки манлихерки со 4.000 куршуми, 24 пушки мартинки со 5.000 куршуми, 3 маузерки со 750 куршуми, 5 пушки кримовки со 1.000 куршуми. Вкупно 53 пушки и околу 11.000 куршуми, 29 рачни бомби, 2 кг динамит, 20 револвери со 100-тина куршуми и за секого и кама. За 2 манлихерки им фалеле бајонети.

„Станувајте аскер“! – извикал уште во мугрите еден од стражарите додека востаниците спиеле. „На оружје браќа, напред на позиции“. „Огон да го изгори кој не предаде – рекол војводата“.

Утрото околу 7 часот, кога веќе сите комити биле на своите места, од доловите на Голак се слушнале турските воени труби, а аскерот веќе бил на околу 8.000 чекори од ридот Чавките, каде востаниците ја минале ноќта, стои запишано во дневникот на Арсов.

Лазоровецот понатаму ја раскажува битката:

„Првиот истрел беше со руска кримовка, чиј глас е како да е од топ во однос на турските маузери. По тој наш истрел, почна пукотницата од обете страни, измешани со повици ураа со гласот на војводата, кој повторуваше да се гаѓа, а не само да се пука. Веднаш потоа, истрели имаше од сите страни. Денот станува се потопол. Не дува никаков ветрец. Земјата се уште испушта пареа од топлината, па станува уште понепријатно на позициите. Горештината околу 10 часот почнува дури и да задушува. Борбата од час в час станува се пожестока, а на војводата му стигнуваат абери дека во далечината се гледаат нови колони турски засилувања“, пишува во дневникот.

Приказот натаму продолжува:

„Се чини како противникот да не знае каква е нашата големина, па се впушта во приближување до нашата позиција. Ги има околу 3.000 души. Војводата испраќа неколку души да се огласат со истрели од подалеку од нашата положба за да изгледа сме поголема група од една чета. Наскоро дадовме и први жртви. Паднаа Марко Росочки и Добе од Тресонче, Марко погоден во главата, а Добе пронижан во градите. Шо ти е бре Добе – го праша неговиот соселанец Пандил, а овој му одговори: Ме рание во левата рока, немат нишчо, сеа ќа стана, само малу да полежа, удрите вие, удрите…“

Започнаа топовски истрели

Тоа го рекол и ја испуштил душата без да офне, продолжува описот на битката. „Време ручек е, а бојот уште повеќе се засилува се до два саатот попладне. Потоа следеше свиреж на труби, една по друга. За момент од кај нив сопре стрелбата со пушките и започнаа топовски истрели за вознемирување од кои немаше поголеми ефекти кај востаниците. Се кренаа праови од земјата се додека не ги нанишанија подобро нашите позиции. Потоа истрелите стануваа се попрецизни. Од ситните камења од експлозиите се посериозно сме загрозувани. Ќепињата и белите бечви станаа жолто-црвени од прашината што се креваше. Топовската канонада замолкна, па забележавме движења на аскерот. Се договараат за јуриш. Првиот јуриш го одбивме. Пукаат без нишанење само за и ние да им одвраќаме, но војводата не предупредува да штедиме муниција. Пукаме само во месо, кога гледаме човечки прилики во непосредна близина“, опишува лазоровецот во дневникот.

Тој продолжува натаму:

„Од горната позиција Спасе Глигоров – Гудурот не предупредува дека Турците на нивната страна се на дваесетина метри и се подготвуваат да јуришаат. Некои предлагаат да ја напуштиме позицијата и да се префрлиме во централната каде што е војводата. Друг предлага да се испотепаме со револвери, да не паднеме в турски раце. Војводата не одобри ниту еден од предлозите и рече: Подобро е да истепаме што повеќе душмани, оти смртта и така и така не можеме да ја избегнеме. Мртвите потоа се зголемуваа и на наша, но и на турска страна. Наскоро паднаа Петре Спасов – Софрониев, Ефто Чадија, а загина и Спасе Глигоров – Гудурот“.

Драматичниот приказ на битката продолжува:

„Беше околу пет часот кога се чу глас од еден од четата упатен до подвојводата. Чичко Митре, овде ќа не истепаат како глувци. А на тоа овој му одговори: Каде е Максим, со тие околу него нека ви помогнат. Максим, моментно зафатен со разговор со еден од борците кој нешто го прашуваше, со едното уво го слушна предупредувањето на својот помошник, подвојводата Димитар Стефанов и без размислување, како молња скокна од позицијата на нозе. Но, штом пречекори чекор-два за да види што се случува на левото крило од централната позиција, со два истрела беше застрелан во градите. Не падна веднаш, туку чекореше уште толку да стигне кај загрозените другари и таму падна ничкум дочекан од еден од борците со зборовите: Зошто бре војводо дојде баш кај нас да умреш? Не доби одговор, туку само мафтање со раката ја испушташе јуначката душа на ридот Чавките“, се раскажува во дневникот.

Натаму следува крајот на нерамноправната битка:

„Денот речиси се наближува кон своето смирување, а бојот како се повеќе да се засилува. На еден од куририте што се наоѓаше на централната позиција една граната му ја откина ногата. Беше веќе седмиот час навечер и тогаш почувствувавме подувнување на ветрец што добро ни дојде. А бевме изморени, испотени, неспани и гладни. На позицијата на левата страна состојбата беше уште полоша зашто немавме вода. Стрелбата на топовите како да го достигна зенитот сега на сите страни на позицијата. Небото го покрија црни облаци, како и тоа да не жалеше“.

Ќа се стемнит, ќа згаснет месечината

За да внесам макар и малку ведрина, опишува во дневникот Арсов, им довикнувам на тие што можеа да ме чујат:

„Помош, помош идет! Од коде?! – ме прашаа другите. Одозгора, зар не гледате? Ќа се стемнит, ќа заврнет, ќа згаснет месечинана и барем некој од нас ќа куртулит! Наполно се стемни, мракот ги сокри позициите, се огласуваат тук-таму истрели од пушки, но без ефект. Сето останато четата го остава на боиштето. Да се остане и понатаму на боиштето е погубно. Почна повлекување, кога повторно започна бојот. Заврши муницијата, па почнавме да фрламе и со камења. Тие што останаа живи врват кон југоисток низ шумата за да најдат некаков пробив. Некои се раштркаа. Прескокнав едно поточе, се напив вода, цел ден жеден и дури пред зората во тоа мое лутање утврдив дека сум доста оддалечен од местото на вчерашниот бој. На Чавките останаа 18 мртви другари, а бројот на ранетите и загубените како мене, во овој час не го знам. Беа деветмина ранети“, завршува со описот Арсов, во дневникот со 44 страници.

На крај се наведени имињата на востаниците кои загинале на ридот:

Максим Нинев – Војводата (Тресонче), Петре Јуруков (Тресонче), Добе Јосифов (Тресонче), Ефто Ристов Чалија (Лазарополе), Спасе Глигоров – Гудурот (Лазарополе), Никола Долев (Лазарополе), Милош Митрев (Сливен), Ѓорѓе Сливенски (Сливен), Димитар Стефанов – Подвојводата (Јабланица), Софроние Спасов (Осој), Марко Ристов – Дадара (Росоки), Марко Росочки (Росоки), Доле Ехлоски (Ехловец), Милош Богданов (Годивје), Ташко Цветков (Гари), Ристо Китанов (Долно Косоврасти), Анѓеле Ѓоргоски (Селце), Марко Урдарески (Рајчица).

До разделбата во ноќта 29 и 30 мај 1903 година, во дневникот на лазоровецот Арсов стои дека биле ранети девет комити, но не ги наведува по име и презиме, ниту пак, дали тие биле извлечени од боиштето. За загинатите вели незакопани останале на планината Голак.

Максим војводата, ученикот на Дичо Зограф, водачот на комитска чета, е опеан во неколку народни песни од Илинденскиот период како македонски херој.

„Стани, стани, Максиме/ Зората се зароди/ Зората се зароди/ Потера те сардиса/ Потера малешевска… (некаде се пее и потера малесорска)“.

Ова се стиховите од народната песна каде се опејува смртта на Максим Војвода во 1903 година, на само два месеца пред почетокот на Илинденското востание. Пред да заврши неговиот живот Максим зад себе оставил значајни информации за подготовките на револуцијата, но за жал доста е помал бројот на податоци за неговото зографско дело.

(Подготви: Д. Г.)