Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор

Високото образовние како врв во академското изградување на младата личност согласно имплементацијата на Законот за високо образование се наоѓа на маргините на најпознатите светски листи за квалитет и евалуација. Толку неспособност да се применува законот, толку желба за корупција насобрана на едно место може да резултираат со плафонски проблеми за кои нема крај. Затоа ја прашувам министерката за СЕ освен за образование и наука: што правите министерке? Кога планирате да посетите еден приватен или државен универзитет во Скопје и да видите како се применува Законот за високо образование? Или, можеби имате поинаква перцепција од суровата реалност? Многу прашања, малку одговори или одговори во магла!
Да почнам редоследно….
Член 21 (3) од Законот за високото образование гласи: Единиците на универзитетот имаат веб-страница на која задолжително објавуваат:
1. Статутот на единицата (со сите измени и дополнувања) и другите акти со кои се уредуваат внатрешните односи,
2. Решението за акредитација на секоја студиска програма одделно и решение за почеток со работа за секоја студиска програма одделно,
3. Актот за систематизација,
4. Деловникот за работа на наставно-научниот, односно научниот совет,
5. Правилникот за плати и надоместоци на единицата,
6. Извештај и одлука за последен избор во звање за секој наставник и соработник објавен во Билтенот,
7. Распоредот на работни задачи за тековната учебна година, најдоцна 10 дена пред почетокот на учебната година,
8. Завршна сметка, најдоцна во рок од 10 дена од денот на усвојувањето,
9. Годишен извештај, најдоцна во рок од 10 дена од денот на усвојувањето,
10. Прифатени теми за изработка на магистерски трудови, најдоцна во рок од 10 дена од денот на прифаќањето,
11. Прифатени теми за изработка на докторски трудови, најдоцна во рок од 10 дена од денот на прифаќањето,
12. Акти кои ги носи единицата согласно други закони и
13. Етичкиот кодекс.
Од мојата проверка на веб-страниците на универзитетите, можам да изразам огромно разочарување поради евидентната непримена на оваа одредба од Законот за високото образование. А, се наоѓаме во период кога средношколците ја полагаат државната матура и се пред изборот на идното факултетско образование. Верувајте дека има толку крајности, од една страна факултети на чија веб – страница нема ниту еден точен податок, па се до факултети кои немаат објавено ништо од наведените 13 точки од овој член од Законот за високото образование.
Зарем е толку тешко просветните инспектори да спроведат надзор и да побараат да се отстранат овие неправилности? Зарем постои таква спрега помеѓу факултетите и просветните инспектори, Инспекцискиот совет што се наоѓаме во ситуација која е смешна и бизарна?
Очекувам уште наредните денови директорот на Државниот просветен инспекторат да ги задолжи просветните инспектори да ги проверат веб-страниците на сите факултети и да ги повикаат надлежните да го почитуваат член 21 (3) од Законот за високото образование. Ајде директоре на Државниот просветен инспекторат, освести се! За доброто на средношколците – идните матуранти, за доброто на граѓаните и за развој на високото образование во Македонија.