Страшо АНГЕЛОВСКИ
претседател на МААК

Долгоочекуваните самити на Г7 и НАТО, кои се одржаа деновиве, а, од американска стрaна помпезно најавувани со мотото “Америка се враќа“, со што требаше да се потенцира повторното засилено присуство на САД во Европа и “едногласието“ во евроамериканското партнерство, покажаа нешто сосема друго. Имено, едно се желбите, посебно на администрацијата на Бајден за целосна доминација врз своите западни партнери, прикажана како “демократски изградени заеднички ставови“, а сосема друго вистинските потреби на секоја земја членка на Г7, НАТО и ЕУ, во своите односи кон остатокот од светот.

И не случајно, пред само неколку дена повторно беше актуелизирана старата, од времето на Обама, афера со прислушкување на разговорите на европските челници, пред се’ во Германија и Франција, од страна на американските, а со помош на данската тајна служба. Ова, дел од европските држави го искористија како средство за отпор против цврстиот став на САД против Кина за да тие, во билатералните односи, не ги загрозат своите позиции кон Кина, која уште како им е потребна како трговски партнер. (Колку за пример, една третина од работните места во Германија зависат од соработката со Кина и, Кина донесе закон со кој ќе ги казнува компаниите, дури и оние западноевропските, кои ќе ги поддржат американските санкции воведени кон неа)

Притоа, Борис Џонсон наметнал идеја групата Г7 да се прошири со Австралија, Јужна Кореја и Индија, со што би прераснала во Г10, на што најостро се спротивставиле Франција и Италија, бидејќи така оваа група би се трансформирала во “антикинеска коалиција“. Истовремено, австрискиот канцелар Себастијан Курц, на економскиот форум во Санкт Петербург, за ТАСС ќе изјави “…апсолутно ми е јасно: мир во Европа ќе имаме само со Русија, а не против неа“…

Сето ова повеќе од јасно ги покажува дисонантните тонови што пристигнуваат од земјите членки на НАТО и ЕУ, кои повеќе не се слепи послушници на американските империјалистички политики, дека веќе размислуваат и за своите сопствени национални и државни интереси, како што е тоа примерот со Германија, која и покрај многуте противења речиси го заврши заедничкиот гасоводен проект со Русија – “северен тек 2“, но и Турција која потпиша договор за пријателство и соработка со Русија и веќе влегува во заеднички проекти од обострана полза.

Па така, иако американската администрација самитите на Г7 и НАТО сакаше да ги прикаже во светло на целосна кохезија на САД и западните сојузници и, како сојуз на светските демократии наспроти “авторитарните режими“, а Бајден, пред утрешната средба со Путин,не како претседател на САД, туку како предводник на “Западното царство“, се покажува дека вистинските состојби се сосема поинакви од она како ги замислува “мали Ѓокица“ во меките фотелји во Стејт департментот.

А КИНА И РУСИЈА ПАТУВААТ КОН ИДНИНАТА
Од друга страна, Кина и Русија многу пореално и потрезвено, наспроти американската опиеност со сопствената големина, го набљудуваат времето пред себе, свесни за промените што го очекуваат светот и, незадржливо чекорат кон новите предизвици. Некаде самостојно, а некаде во цврста, заедничка соработка.

Веднаш после средбата со Бајден, некаде на почетокот на јули, Путин патува во Кина на прослава на дваесетгодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка меѓу тогаш комунистичките Кина и СССР. Со тој договор беа решени сите дотогашни територијални спорови и поставен темелот за извонредната соработка на овие два гиганти. Стравот дека овој договор меѓу Кина и Русија може да биде надограден со нови точки што понатаму ќе ги развие взаемните односи меѓу двете земји е огромен кај советниците на Бајден.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Руската Федерација порача : “Интеграциските проекти како Евроазиската економска унија и кинеската иницијатива “Еден појас,еден пат“ ставаат цврсти темели на нашиот заеднички континент (Европа и Азија како Евроазија) – од Лисабон до Џакарта – нови геостратегиски контури на мирот, стабилноста и економскиот просперитет, втемелени на принципите на меѓународното право и транспарентноста, отворени за сите земји без остаток, вклучувајќи ја долгорочно и… ЕУ.“

Кина, пак, преку портпаролот на својата амбасада во Лондон, им упати јасна порака на земјите учеснички на самитот на групата Г7, велејќи дека “Деновите кога глобалните одлуки ги диктираше мала група земји одамна се минати“, додавајќи дека “секогаш веруваме дека државите, без разлика дали се големи или мали, јаки или слаби, сиромашни или богати, се еднакви и дека светските прашања треба да се решаваат во консултација со сите држави.“

КАКО ДА ГИ СОЗДАДЕШ НЕПРИЈАТЕЛИТЕ?

Стратезите на американската надворешна политика, свесни за потребите на државите членки на ЕУ и НАТО како нивни сојузници, да водат сопствена билатерална политика со остатокот од светот, хомогенизацијата на овие сојузи се обидуваат да ја зајакнат измислувајќи и наметнувајќи заеднички непријатели. Ваквите средби како самитите на Г7 и НАТО бескрупулозно ги користат токму во промоција на “заедничките непријатели“ и наместо заложба за мир и соработка, промовираат натамошни поделби и конфликти.

Притоа ги претставуваат двата можни стратегиски концепти на САД за глобална доминација во која ги убедуваат и своите западни партнери:

– Истовремена борба, што не исклучува ниту употреба на воена сила, против Кина и Русија, во која борба ќе биде впрегнат целиот “слободарски“ и “демократски“ свет, што го претставува порадикалниот концепт, и
– Конечна пресметка со Кина, при што Русија би била држана на страна, па дури и да се наведе да се приклучи во оваа борба против Кина, прикажана како закана од повеќе од милијарда народ на руската јужна граница.

За остатокот од светот, пак, предвиден е еден вид нов Маршалов план под името “Подобар трет свет“ (Better third world, скратено BTW), проект за кој, на хартија се издвоени стотици милијарди долари. Проект, преку кој на остатокот од светот преку веќе познатиот принцип на “стапот и морковот“, ќе му се нуди “демократија“ и “економска благосостојба“ во замена за американско присуство. Притоа, основна цел е да се уништи кинескиот проект “Еден појас, еден пат“, кој наспроти американските декларативни заложби внесува вистински, свеж капитал во земјите со кои соработува, а притоа, за возврат, не бара политичка доминација и контрола врз нивните Влади.

На секоја од државите, посебно оние од остатокот на светот, но и оние од американското политичко друштво им останува изборот меѓу враќање во минатото и чекорење кон иднината. Корумпираните политичари, оние кои немаат визија и не можат да гледаат подалеку од носот и оние на кои им се тресат нозете од американската моќ, ќе го одберат американското враќање во минатото.

Сите останати имаме обврска да чекориме кон иднината и да се заложиме за една едноставна работа – Подобар свет (Better world, скратено BW). Заради мирот, стабилноста и економскиот просперитет.