„…Обединувањето на Македонија ме интересира и дека според моето мислење како најправилно решение сметам дека е правото на самоопределување…Ова нешто не го кријам, бидејќи го сметам за свој долг, тоа нешто сум го предлагал да влезе и во уставниот проект, милсејќи на сите три дела на Македонија, а не само на Вардарска…“„Жалба од Методија Андонов Ченто осуденик во КПЗ Идризово“ до окружен Суд во Скопје, до Врховниот суд на НР Македонија, од 4 декември 1947, Скопје.
Додека се уште се свежи впечатоците од вчерашниот Илинден, размислувам дали можеби ова е последниот Илинден кој што го прославивме согласно историјата која ја знаеме, дали веќе следниот ќе биде прославен согласно ревидираната историја според новопотпишаните и ратификувани договори со Бугарија и Грција. Многу веројатно ќе го славиме она што ќе го договорат двете комисии за ревидирање на македонската историја, а како сме тргнале можеби единствен празник кој во иднина ќе го славиме е само 8ми септември.
Освен ревидирањето на историјата со Преспанскиот договор Македонците и македонскиот јазик се ограничуваат само на територијата на Република Македонија и се брише грижата за малцинствата. Стануваме шака народ заглавен на една територија без корен и без народ во соседните земји, единствена земја во светот која нема малцинство во соседните или други земји.
Што би рекле Даме, Питу, Карев, Ченто, Брашнаров на тоа што денес го правиме, од што сé се откажуваме под изговор дека сме конструктивни за да станеме членки на ЕУ и НАТО. Ако за сите нив најважно било самоопределувањето, ние сега свесно се откажуваме од истото погазувајќи ги жртвите на нашите најголеми дејци, нивните загубени животи очигледно за нас не значат ништо кога толку спремно се откажуваме од правото да бидеме свои на своето, да се наречеме Македонци и другите да не нарекуваат така, да дишеме на македонски, да љубиме македонски да живееме македонски.
И наместо да се срамат и да наведнат глава при соочувањето со народот, СДСМ и Владата дрско и безобразно нѐ убедуваат дека себеукинувањето е за наше добро. Од тоа што ќе нѐ нема ќе го извлечеме најголемиот бенефит. Па уште и без срам ја нападнаа МРТВ заради празничната емисија во која историчари зборуваа за нашата историја, онаа која што сакаат да ја променат притоа обвинувајќи ја дека им наштетува на националните интереси на Македонија. Перверзија без крај, национален интерес било да не нема….види мајката!
Или како што рекол Гоце Делчев – ”Jас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…“
М-р Мартина Антиќ